Собранието расправа за Предлог-уставните амандмани

Пратениците во Собранието на Република Македонија денеска на 30. седница ги утврдија амандманите 33 кој се однесува за бракот и 34 за меѓународните финансиски зони, од осумте Предлог-амандмани на Уставот, пренесе МИА.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски информира дека по редовната пауза пратениците ќе ја продолжат расправата по останатите шест Предлог-амандмани на Уставот.

Пратеничката група на ДПА и пратеничката Солза Грчева се изјаснија дека нема да ги поддржат предлог уставните амандмани измените бидејќи меѓу другото сметаат дека не е време за отворање на Уставот.

Министерот за правда Аднан Јашари во образложението на Предлог-амандманите нагласи дека тие начелно се усогласени со забелешките од Венецијанската и на Европската комисија.

Според Јашари, во врска со нацрт амандманите се организирани неколку јавни расправи за нивно разгледување и анализа во неколку универзитети и во МАНУ.

Како што истакна Антонио Молошески, потпретседател на Собранието, овие предлог уставни измени се резултат на темелни, опсежни и сериозни анализи меѓу сите коалициски партнери во Собранието и Владата кои ја добиле изборната одговорност да носат вакви сериозни одлуки. Овие иницијативи, подвлече, се резултат и на темелни консултации со стручни лица, уставни експерти и стручни лица од повеќе области коишто се регулираат или се унапредуваат со споменатите уставни измени.

– Уставот не е само политички и законски акт, туку  е многу поширок општествен договор и беше добро што во Собранието имавме јавна расправа токму за овие уставни измени и секој имаше прилика да се изјасни и да се разменат мислења што може да биде подобро во текстот за тие да бидат во функција на унапредување и подобрување на Уставот на Република Македонија, рече Милошоски.

Тој потсети дека Република Македонија досега имала повеќе измени на својот Устав, а како посуштински и со подалекусежни импликации ги посочи измените од 1992 година и од 2001 година кои се однесуваа или на внатрешното уредување или на односите со соседите или и на двете работи.

Според него, денешните измени се први посериозни и поопсежни измени на Уставот коишто Република Македонија, Собранието, Владата и сите надлежни ги предлагаат самостојно без внатрешен или меѓународен притисок. Затоа, смета Милошоски, тие се автентични и со цел да се подобри структурата на Уставот и да се подобри функционирањето на институциите, како и да се зголемат стандардите во повеќе области кои ги регулира Уставот.

– Целта е воведување повисоки уставни стандарди, создавање дополнители услови за економски развој, како и проширување на механизмите за заштита на човековите права. Истовремено и зајакнување на важни институции како што е Судскиот совет и други институции, истакна потпретседателот на Собранието.

Првата измена е за насловот на Народната банка и соодветно е да се вика само Банка на Република Македонија, додека втората измена се однесува на попрезцизно дефинирање на брачната заедница, на бракот како исклучива заедница на еден маж и една жена, а тоа, рече Милошески, ќе апсолвира една широко распространета традиционална вредност која што заслужува да биде регулирана со Уставот.

Третата измена, која е една од поважните уставни измени според Милошоски, се однесува на институтот уставна жалба,која ќе даде дополнителна можност и механизам за заштита на човековите права на граѓанинот.

Во однос на измените на Судскиот совет, се зголемува бројот на членови кои доаѓаат од судската фела, намалување на влијанието на извршната власт, а целта е да се зголеми независнота, професионалноста и самостојноста на ова тело, каком важен чекор за надградување на судството како наша трајна определба.

Во однос воведување на надлежност на Уставниот суд да одлучува по однос на жалбите по одлуките на Судскиот совет, како петта измена, како и за избор и разрешување на судии, а и истото се однесува и за одлуките на Советот за јавните обвинители, како прифатен меѓународен стандард.

Шестата измена е воведување уставно дефиниран максимум до кој може да се движи буџетскиот дефицит и јавниот долг. Создавањето ваква дополнителна јавната дисциплина во финансискиот сектор, истакна Милошоски, и за оваа и за секоја следна Влада и Собрание на Република Македонија ќе ја зголеми одговорноста и домаќинското работење кон буџетските средства и со тоа ќе воведе граници до кои може да се оди со долгот, буџетскиот дефиците, а да бидат одржливи и да не бидат преголем товар за економијата којашто треба да се развива.

Седма измена е создавање уставна можност за формирање финансиска зона, која би развивала посебна правна и финансиска регулатива по највисоки меѓународни стандарди, тема која предизвика огромно влијание и во Македонија и во други меѓународни институции. Целта е, потенцира, да се повлече дополнителен капитал по однос на осигурителни и банкарски друштва, инвестициски фондови и фондови од друг облик.

Осмата измена се однесува на уставно дефинирање на Државниот завод за ревизија на Република Македонија.

Пратениците најнапред гласаа за утврдување на предлозите за што беше потребно обично мнозинство, а потоа со 82 гласа односно двотретинско мнозинство гласаа поединечно за секој од предложените амандмани. Двотретинско мнозинство е потребно и за изгласување на Уставниот закон.

Предвидено е денеска попладне по 30. да се одржи и продолжение на 11. седница на Собранието на која единствена преостанат точка е Дополнетиот предлог закон за прекршоци, во второ читање.

фото: МИА