Собранието ратификуваше неколку договори и конвенции

Во рамки на 49. седница Собранието на Република Македонија денеска ги ратификуваше Договорот за економска соработка меѓу македонската и српската Влада, Договорот меѓу македонската и Владата на Социјалистичка Република Виетнам за заемно поттикнување и заштита на инвестиции, Договорот за културна соработка меѓу македонската и мароканската Влада, како и Конвенцијата за поедноставување на формалностите при трговија со стока (консолидирана верзија) и Конвенцијата за заедничка транзитна постапка (консолидирана верзија), пренесува МИА.

Пратениците ги усвоија во второ читање и Дополнетиот предлог закон за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост и измените и дополнувањата на Законот за Државниот инспекторат за земјоделство и на Законот за лековите и медицинските помагала.

Поддршка од пратениците во второ читање добија и дополнетите закони за изменување и дополнување на Законот за библиотеките и на Законот за музеите.

Во прво читање денеска беа усвоени измени и дополнувањата на Законот за даночна постапка кој има за цел да овозможи доставување на даночниот управен акт и даночниот акт и по електронски пат со пренос на податоци или документи преку информацискиот систем на Управата за јавни приходи или на последната пријавена адреса на електронска пошта на даночниот обврзник во Управата за јавни приходи, со претходна согласност на даночниот обврзник.

Пратеникот Ѓорѓи Коџобашија од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека со нив ќе се овозможи електронска размена на податоци помеѓу Управата за јавни приходи и Агенцијата за катастар на недвижности при спроведувањето на даночната постапка, а се уредува и начинот и постапката за одлагање на плаќање на даночниот долг и замена на видот на гаранцијата за обезбедување на плаќање на даночниот долг. Со ова, се овозможува на Управата за јавни приходи на барање на даночниот обврзник, во рокот одобрен за одложено плаќање да има можност да донесе одлука за замена на гаранцијата за обезбедување на плаќањето на даночниот долг по вид и висина, соодветно на износот на преостанатиот одобрен даночен долг.

Поддршка исто така во прво читање добија и дополнувањата на законот за централен регистар со кои се дава основ за електронско поврзување на Централниот регистар и Агенцијата за катастар на недвижности и за електронско доставување на податоци од Централниот регистар до Агенцијата.

Целта на овие измени, е да се олесни и забрза постапката за запишување во катастарот на недвижности.

Собранието ги поддржа во прво читање и измените и дополнувањата на Законот за девизно работење, чија цел е да се намалат трансакциските трошоци за прекуграничните плаќања и времето за извршување на трансакции во евра, зголемување на оперативната подготвеност на Народната банка за приклучување во системот на Европски централни банки и јакнење на сигурноста на вложувањата на овластените банки во странски хартии од вредност.

Пратениците во претпладневниот дел од седницата ја почнаа и расправата по измените и дополнувањата на Законот за заштита на потрошувачите, кои треба да овозможат создавање сеопфатна правна рамка за заштита на потрошувачите  во Република Македонија, особено во делот на е-трговијата.

Пратеничката Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека со овие измени и дополнувања, меѓудругото, треба да овозможат и подобра информиранст на потрошувачите за нивните права при купувањето на производи и услуги особено преку средствата за далечинска комуникација (како што се интернет и електронска пошта) и надвор од деловните простории на трговецот, а воедно и појасни правила за трговците на единствениот пазар на ЕУ, транспарентност на понудата од трговците со истакнување на вкупната цена на производот или услугата со сите додатни давачки, а воедно и да го сноси ризикот за евентуално оштетување на стоката  при превозот до времето кога потрошувачот ја презел стоката.

Се регулира, рече таа, и правото на потрошувачот да го раскине договорот со трговецот во рок од 14 дена и обврската на трговецот да му ја врати на потрошувачот целата сума пари која ја дал согласно договорот, и да го информира за за трошоците за поврат на стоката, а се укинуваат и додатните трошоци за потрошувачите при плаќање со кредитна картичка или друго средство на плаќање од страна на трговците, како и при користење на дежурни телефонски линии за добивање на информации.

Новина, според неа, е воведувањето образец за потрошувачите за раскинување на договорот со трговецот доколку потрошувачот се премислил и сака да го раскине договорот склучен на далечина или надвор од деловните простории на трговецот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.