Собранието усвои неколку закони

Собранието на Република Македонија попладнево во рамки на 41. седница ги усвои Предлог-законот за водостопанство, законите за изменување на Законот за хидрометеоролошка дејност и за дополнување на Законот за земјоделски задруги сите во второ читање и Одлуката за испраќање на припадник на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција на Обединетите нации, УНИФИЛ во Либан, пренесува МИА.

Ѓоко Камчев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека со формирањето ново АД за Водостопанство на Република Македонија, кое се предлага во дополнетиот предлог-закон, ќе се создадат услови за оформување на подобар и поголем капацитет во однос на стручните кадри, опремата…

Ова акционерско друштво, посочи тој, ќе има поголема материјално финансиска основа за спроведување на реформите во овој многу значаен сегмент од развојот на земјоделското производство во Македонија.

– Во натамошната постапка со формирањето на акционерското друштво и со подзаконските акти, со донесувањето на статутот дополнително ќе бидат прецизирани условите и начинот на кои ќе функционира ова акционерско друштво за стопанисување со наводнувањето, одводнувањето и одведувањето на отпадните води во Македонија, додаде Камчев.

Според Соња Талевска од ВМРО-ДПМНЕ, предлог законот за водостопанство е од исклучителна важност.

– Во последниве неколку години сме сведоци на драстично изменети климатски услови. Оваа година секојдневно ги гледаме последиците од поплавите. Сметам дека јавното претпријатие за водостопанство ќе ја има големата одговорност не само за наводнување, одводнување и одведување на водите кога тоа е потребно, туку и во поглед на чистење на речните корита во поглед на одводнување на пластеници и оранжерии, па и на имот кој не е во опсегот на делување на ова претпријатие. Со посебни договори кога има потреба ќе интервенира и во тој поглед, рече Талевска.

Појасни дека одговорноста ќе се знае точно каде е, бидејќи ќе постои центар, една дирекција на управување со подружниците кои веќе се соодветно распоредени.

– Поплавите кои се случија во пелагонискиот регион точно укажуваат на потребата од брзо носење на овој предлог закон и формирање едно претпријатие кое совесно, одговорно и навремено ќе ја врши својата задача, додаде Талевска.

Министерот за одбрана Зоран Јолевски во образложението на Предлог одлуката за испраќање припадник на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција на Обединетите нации, УНИФИЛ во Либан, рече дека Република Македонија како одговорен член на меѓународната заедница придонесува за мирот во рамките на мировните мисии на ОН.

– Со ова учество фактички ние покажуваме дека Република Македонија своите воени капацитети ги користи за зачувување на мирот во останатите територии во светот, во овој случај се работи за Либан. Ова е дел од редовната ротација. Република Македонија има свој припадник во оваа мисија од 2007 година и нашите претставници успешно ги имаат извршувано сите должности. Со ова учество нашите офицери добиваат соодветна обука бидејќи работат со офицери од другите земји во светот, додаде Јолевски.

Собранието 41.седница ќе ја продолжи утре.