Собранието усвои повеќе законски измени и дополнувања

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 31 седница усвои повеќе законски измени и дополнувања по скратена постапка и во второ читање.

Меѓу усвоените во второ читање се дополнетите предлог-закони за Академијата за наставници и за наставници во основните и средните училишта.

Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ во образложението на дополнетиот Предлог-закон за Академијата за наставници рече дека со основањето на Академијата ќе се подобри квалитетот на оние наставници кои во иднина би учествувале во образовниот процес.

Укажа на придобивките од основањето на Академијата за наставници, која, како што рече, ќе биде комплетно нов орган којшто ќе биде составен од три носечки столбови кои треба да ја раководат: Управниот одбор, директорот на Академијата и Програмскиот совет.

– Секој наставник во иднина кој сака својата професија да ја продолжи како едукатор на учениците во основното и средното образование треба да биде дел од оваа Академија, но тоа не е основниот услов да се стекнете со звањето наставник или професор, туку треба сите оние кои ќе бидат посетители на оваа Академија да имаат минимум просек 7 или 8 во зависност на науките кои ќе ги предаваат. За оние кои се од општествените науки, просекот е поголем – 8, а оние кои се од математичките и природноматематичните науки просекот ќе биде 7, рече Стевананџија.

Појасни дека бенефитите од Академијата се тие што благодарение на проширената едукација, која во зависност од наставниците дали се во постојан работен однос или оние кои треба во иднина да бидат наставници, е конципирана и според бројот на месеците на едукација, се тие што државата им гарантира на овие учесници во Академијата дека ќе бидат во иднина вработени и се прави една петгодишна програма од потребите според општинските информации од локалните самоуправи, колку наставници по кои предмети би биле потребни за да бидат дел од Академијата.

За оние невработени професори кои ќе го завршат четвртиот степен од образованието, потенцира тој, државата се обврзува во текот на траењето на Академијата во тие 12 месеци на некој начин да ги стипендира со целосна плата која е во моментот како македонски просек на плата.

Според него, тоа е една добра стимулативна мерка за сите оние кои се определуваат да бидат наставници, но и за оние наставници кои во моментов ја извршуваат таа професија. Академијата, посочи, ги отвора вратите со еден бенефит во иднина за тие наставници и професори кои ќе ја поминат обуката во неа платата ќе им биде повисока за 3.000 денари како некое стимулативно средство.

– За оние наставници кои ќе се здобијат со лиценца, државата и локалните самоуправи се задолжуваат да им најдат вработување во рамки на нивните училишта, а за оние кои и по третата година од истекувањето на лиценцата нема да бидат вработени, државата зема обврска да им се исплаќа месечен надоместок од 80 проценти од просечната македонска плата. Носечки столб на Академијата е Управниот одбор кој ја управува и е составен од девет члена. Фактички УО го именува и разрешува директорот, ги избира и конституира комисиите за приемен испит и комисиите за завршен испит, ја утврдува листата на предавачи…додаде Стевананџија.

Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека реформите во образовението се неопходни, навремени и ќе дадат резултати.

Во образложението на дополнетиот Предлог-закон за наставници во основните и средните училишта, Весна Дамчевска Илиевска рече дека првпат се донесува ваков предлог-закон кој се однесува конкретно за наставниот кадар кој реализира настава во основните и средните училишта.

– Многу е значајно што во овој Закон се дефинира и прецизира процедурата на стекнување звање наставник ментор и наставник советник. Тоа секако ќе придонесе и во афирмацијата на подигнувањето на мотивите за поголемо постигнување кај сите наставници, значи сите ќе бидат стимулирани да сакаат да се стекнат со вакво звање. Но, оние кои веќе имаат високи капацитети и се докажани и имаат постигнувања ќе имаат подобра можност во првите редови да се пријават да се стекнат со звање наставник советник и наставник ментор, нагласи Дамчевска Илиевска.

Додаде дека со амандман се прецизираат обврските на наставниците кои се однесуваат во делот на дополнителна настава, организирање излети, екскурзии, уредување кабинети, реализација на настава во природа…

Во второ читање пратениците ги усвоија и дополнетите предлог-закони за изменување и дополнување на законите за производи за заштита на растенијата, за здравствената заштита, за квалитет на амбиенталнот воздух во второ читање, предлог-законите за изменување и дополнување на законите за заштита на децата, за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, за облигациските и стварноправните односи во воздушниот сообраќај.

На седницата се усвоени и Предлог-одлуката за објавување јавен конкурс за избор на претседател и членови на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспецискиот надзор и прекршочната постапка, поднесен од Зоран Илиоски, како и Предлог-одлука за именување членови на Комисијата на Агенцијата за пошти. За членови на Комисијата на Агенцијата за пошти се избрани Кристина Ј. Гацоска, магистер на биотехнички науки од Битола и Суад Бајрами, дипломиран по Бизнис администрација – финансии од с.Милетино, Брвеница.

Собранието во рамки на 31.седница ги донесе предлог-законите за изменување и дополнување на законите за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската Банка за обнова и развој по Договорот за заем за проектот „Рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридор VIII, фаза 1 – делница Куманово – Бељаковце“, за задолжување на РМ со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на Проектот „Изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце-Крива Паланка – источниот дел од железничката пруга на Коридор VIII, фаза 2“, двата по скратена постапка.

Пратениците ги усвоија и предлог-законите за дополнување на Законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за проектот „Набавка на нови влечни и влечени средства во МЖ Транспорт АД-Скопје“ кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и МЖ Транспорт АД-Скопје, како и предлог-законите за дополнување на Законот за гаранција на РМ на обврските по Договорот за заем за финансирање на Програмата за национални патишта, кој ќе се склучи меѓу ЕБОР и ЈП за државни патишта, за дополнување на Законот за гаранција на РМ на обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот за рехабилитација на магистралните и регионалните патишта, кој ќе се склучи меѓу Меѓународната банка за обнова и развој-Светската банка и ЈП за државни патишта, сите по скратена постапка.

Триесет и првата седница на Собранието ќе продолжи по редовната пауза.