Собранието в понеделник ќе ја продолжи конститутивната седница

Собраниската конститутивна седница на чиј дневен ред се изборот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата и изборот на претседател на Парламентот ќе продолжи во понеделник.

Попладневниот дел од денешното 16. продолжение на оваа седница помина во реплики, контрареплики и процедурални забелешки на пратениците поврзани со тиранската платформа, и кој и зошто има корист од политичката криза во земјата.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа од пратениците на СДСМ да се откажат од платформата, а решението го гледаат во одржувањето нови избори. Според нив, СДСМ треба да одговори што договориле со прифаќањето на тиранската платформа.

Пратениците од СДСМ пак побараа да се зборува за точката од дневниот ред на седницата. За нив најважно е деблокирањето на Собранието и изборот на нов собраниски претседател.

Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека со тиранската платформа се подгрева само национализам и се игра со националните чувства на сите граѓани. Иако денес СДСМ кажуваат дека промените се неизбежни, како што рече Рангелова, тие мора да се променат, да ги променат своите размислувања и да вклучат повеќе разум и свест во своето однесување.

Нејзината сопартијка Весна Дамчевска Илиевска рече дека никој нема полза од оваа криза и оти најмногу штетата ја чувствуваат граѓаните. – Нема полза кога некој без размислување само за личен интерес прави некакви непринципиелни коалиции со кои може да ги поткопа интересите на сопствената држава и на сопствениот народ и да предизвика долгоречни последици за нашата држава, рече таа.

Чедомир Саздовски од ГРОМ рече дека оваа политичка криза се претворила во вистинска македонска голгота која удира во темелните вредности на македонското општество и во Уставот на Република Македонија. Тој додаде дека Уставот не може да биде менуван како резултат на дневно-политички пазар, туку во иднина потребно е секоја промена на Уставот да оди на реферндум при што граѓаните ќе бидат и гласачи и поротници и судии.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека начинот како СДСМ обезбеди над 60 пратеници во ова Собрание е политички договор помеѓу СДСМ и неколку други партии затоа што, како што додаде, СДСМ изгуби на изборите.

– Цената на тој договор за обезбедување  над 60 пратеници СДСМ ја плати со прифаќање на тиранската платформа во која се зборува за јазикот, за името за знамето, грбот и химната на државата… За да дојдат до власт СДСМ се спремни за сето ова да разговараат и сето ова да го променат, рече Димовски.

Радмила Шекеринска од СДСМ нагласи дека од моментот кога продолжи седницата после паузата до денеска ниту збор не е кажан за точката од дневниот ред.  За тоа таа го обвини Трајко Вељаноски дека како претседавач со оваа седница продолжил да го крши Деловникот.

– Тоа не е случајно, тоа е план на ВМРО – ДПМНЕ да спречи легитимен, легален и демократски трансфер на власта, додаде таа.

И Ибрахими Зекирија од БЕСА со забелешка дека на седницата се слушаат само предавања за спортски сали, за патишта, за разни платформи, за албанскиот јазик да стане службен јазик, за геноциди и разни други рабиоти, а не се говори за точката од дневниот ред – избор на Комисијата за прашања на изборите и именувањата и изборот.

Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ реплицирајќи му на Зекирија рече дека цел ден на седницата говорат за македонскиот Устав и за македонската унитарност. Тој во своето обраќање потсети на пораката на американскиот претседател Абрахам Линколн, кој секогаш кога на неговиот народ и држава им било тешко им порачувал дека и тоа ќе помине. – И ова ќе помине со една обединувачка македонска платформа, која ќе нуди единствено економски раст за сите граѓани на Република Македонија без разлика на нивната национална, верска и политичка припадност, додаде Данев.

Согласно договореното, во Комисијата за прашања на изборите и именувањата треба да членуваат шест претставници од ВМРО-ДПМНЕ и пет од СДСМ, а ДУИ и БЕСА да имаат по еден член.

Конститутивната собраниска седница почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на законодавниот дом.