Собраниска делегација на состанок на Мешовитиот комитет во Стразбур

Делегација на Собранието на Република Македонија ќе присуствува на дванаесетиот состанок на Мешовитиот комитет во Стразбур.

Како што информираат од Собранието на Република Македонија, согласно Спогодбата за асоцијација и стабилизација на Република Македонија и Европската унија и според Деловникот на Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска унија, 12. состанок на Мешовитиот комитет ќе се одржи на 26 и 27 ноември 2014 година, во Европскиот парламент во Стразбур, Француската Република.

На овој состанок, од Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска унија ќе учествуваат: Кенан Хасипи, претседател на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација (Ко-претседавач на овој комитет), Артан Груби, потпретседател на Делегацијата (заменик ко-претседавач на комитетот), Антонио Милошоски,  Силвана Бонева, Владимир Ѓорчев, членови и Беким Фазлиу, заменик-член на Делегацијата.

На 12. состанок се очекува да бидат разгледани повеќе прашања во врска со односите на Република Македонија и Европска унија, актуелната политичка ситуација во државата по одржаните предвремени избори во 2014, владеењето на правото, реформите во судството и јавната администрација, борбата против корупцијата, потоа за слободата на изразување и медиумите, економските и финансиските случувања, како и за добрососедските односи и регионалната соработка во контекст на ПСЈИЕ.

Се очекува на состанокот свое обраќање да има и Фатмир Бесими, потпретседател на Владата на Република Македонија задолжен за евроинтеграции.