Собраниска делегација во посета на Брисел

Собраниската делегација во чиј состав се пратениците Антонио Милошоски, Александар Спасеновски, Христина Рунчева, Сузана Салиу и Ермира Мехмети, која што на почетокот на неделава го посети Берлин и оствари средби со пратеници од германскиот Бундестаг, деновиве престојува во седиштето на Европската унија, Брисел.

Во текот на вчерашниот ден, Делегацијата оствари средби со европратениците Дорис Пак и Елмар Брок, како и со директорот за проширување во Европската комисија, Александра Кас Грање, раководителот на одделот за Западен Балкан во Европската служба за надворешна акција, Јонас Јонсон и Михаел Карничинг од Канцеларијата на претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо.

На средбите беа потенцирани реформските активности коишто Република Македонија ги презема во насока на достигнување на европските стандарди, а во тој контекст се разговараше и за приоритетите од Пристапниот дијалог на високо ниво помеѓу Република Македонија и Европската унија.

Беше нагласено дека почитувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата од страна на Грција, како и отворањето на преговорите за членство ќе дадат значителен придонес во македонско-грчкиот дијалог за изнаоѓање на компромисно решение околу спорот со името.

Во текот на денешниот ден предвидено е пратениците да остварат средби со Лори Вокер од Секторот за политички прашања и безбедносна политика при НАТО, Крзиштоф Бернацки од Генералниот директорат за надворешни политики во Европскиот парламент и Михал Маловец, одговорно лице за Македонија во Комитетот за надворешни работи при Европскиот парламент.