Собраниската комисија го усвои финансискиот план и процентот на зафаќања на РКЕ за 2018-та

Собраниската комисија за економски прашања на седницата во средата ги разгледа и едногласно ги усвои Предлог-финасискиот план на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и Процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности и на давателите на водни услуги остварен од давањето на водни услуги, за финасирање на работењето на РКЕ за 2018 година.

Како што појасни претседателот на РКЕ, Димитар Петров, во Предлог-финасискиот план се прикажани сите приходи за 2018 година и има детален преглед на расходите, а процентот на зафаќање од енергетските и водоснабдителните компании е утврден на 0,0497 отсто од нивниот вкупен годишен приход, што е помалку од дозволените 0,1 отсто согласно Законот за енергетика.

„Финасискиот план предвидува исто ниво на трошоци како и лани, освен кај платите каде што е предвидено зголемување за 19 отсто поради предвидените десет нови вработувања во Секторот за водни услуги. Поради усвојување на финасискиот план за 2017 година на крајот од ноември, во годинешниот план се префрлени средствата за набавка на мебел и ИТ опрема за новите простории на РКЕ“, рече Петров.

Најголема забелешка членовите на комисијата имаа на платите на претседателот и на членовите на РКЕ и на просечната плата што таму ја земаат вработените.

Петров истакна дека платите се транспарентно објавени на веб-страницата на РКЕ и не се менувани од основањето на регулаторното тело и прецизира дека месечните примања на претседателот изнесуваат 1.547, а на членовите 1.411 евра, додека просечната плата на вработените изнесува 42.000 денари.

„Вработувањето во РКЕ се врши преку Агенцијата за администрација, а РКЕ како независно тело само ги одредува правилниците за плата и за распоредување на работни места. Платите се споредуваат со секторот кој го регулира, а не со административните работници“, појасни Петров.

Претседателот на Собраниската комисија, Горан Милевски од ЛДП, посочи дека не е логично орган избран од Собранието да биде повеќе платен од пратениците и додаде дека излегува оти најголеми плати што се добиваат директно или индиректно од Буџетот имаат претседателот на државата, премиерот и претседателот на РКЕ.

„Сметам дека платите треба да се прилагодат на економската состојба којашто владее во државата во моментов. Ние не сме за да се намалуваат платите, туку да порасне просечната плата на 500 евра, како што ветивме во предизборниот период“, истакна Милевски.