Собраниската Комисија за образование одложена за петок

Во очекување на нови предлози и за евентуално подобрување на предлог-законот за високо образование, се одложува за еден ден најавената седница на собраниската Комисија за образование, наука и спорт.

Наместо утре, таа ќе се одржи во петок во 10 часот во салата „Борис Трајковски“ во Собранието на РМ. Претседателката на Комисијата Олга Најденовска за МИА изјави дека единствена причина за одложувањето е да се остави време за сугестии во однос на пакетот образовни реформи.

– Како претседател на Комисијата за образование, наука и спорт,  заедно со сите членови на Комисијата, сметам и сметаме дека е добро и полезно да оставиме уште време да пристигнуваат мислења, сугестии идеи во врска со предложените дополнувања и измени на закони кои се на дневниот ред на седницата на Комисијата, изјави Најденовска.

На дневниот ред ќе бидат седум предлог-закони во второ читање:  за изменување и дополнување на Законот за основното образование, за изменување и дополнување на Законот за средното образование, за изменување и дополнување на Законот за високото образование, Предлог-закон за Академијата за наставници, Предлог-закон за наставници во основните и средните училишта, Предлог-закон за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење и  Предлог-закон за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование (за педагошки факултети).

Осма точка на дневниот ред е Статутарна одлука за изменување и дополнување на Статутот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола (прва фаза).