Социјалците ќе се проверуват дали добиваат девизи од странство, пред да им се даде социјална помош

Податоците за тоа кој има и колкави приливи од странство Народната банка ќе биде должна да им ги даде на увид на Министерството за труд и социјална политика, на Агенцијата за вработување и на Фондот за здравствено осигурување. Се подготвува дополнување на Законот за Народната банка, со што податоците, кои таа досега ги чуваше како тајни, ќе биде должна да им ги отстапи на неколку државни институции. Измените се се` уште во владина процедура и во образложението стои дека тие ќе служат за проверка на податоците и информациите што ги поднесуваат барателите – физички лица пред државни институции, пишува Дневник.

Со новите законски измени што ги предлага Министерството за финансии, Министерството за труд и социјална политика, Фондот за здравство и Агенцијата за вработување ќе имаат право да побараат и да добијат податоци од Народната банка на прилив на средства од странство.

– Основната цел на предлогот на законот е да се овозможи на Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и на Фондот за здравственото осигурување на Македонија преку пристапот до податоците до кои дошла Народната банка при вршењето на своите задачи и должности да извршат проверка на податоците и информациите што ги поднесуваат барателите – физички лица за остварување одредени права во постапка пред овие институции – стои во предлогот.

Истражувања на економските аналитичари покажаа дека илјадници македонски семејства би живееле многу посиромашно ако не се парите кои секој месец им стасуваат од роднините од странство, со што директно се влијае и на намалување на сиромаштијата во земјата. Меѓутоа, некои од овие семејства на домашен терен се корисници и на социјална помош од државата, а добиваат и паричен надоместок од невработеност, пишува Дневник.