Социјалците од Прилеп најавија штрајк со глад ако Ременски продолжи да ги игнорира

Граѓаните добитници на социјални станови денес по трет пат излегоа на протест во прилепската населба „Точила“. Најавија дека ако техничката министерка Фросина Ременски продолжи да ги игнорира, секојдневно ќе излегуваат на улици и ќе штрајкуваат со глад.

Граѓаните ги добја становите на електронска аукција пред неколку месеци, а сеуште не може да се вселат во истите поради тоа што техничката министерка за труд и социјална политика го опструира потпишувањето на конечните листи за распределба на социјални станови.

Во изјава за медиумите присутните изразија револт дека ниту Фросина Ременски ниту ресорното министерството не им  дале задоволителен  одговор на нивните барања и не им го решаваат проблемот, за којшто како што напоменаа, е од нивно животно значење.

Имаме сознанија дека нејзините луѓе по нејзина наредба не ги потпишуваат Записниците и конечните листи за распределба на социјални станови затоа што сака роднина на висок функционер од СДСМ да добие социјален стан. И сега заради тој нивен симпатизер ние сме оставени на улица на милост и немилост. Наместо Ременски да ги решава проблемите таа ги продлабочува, изјавија присутните.

Тие револтирано посочуваат дека ако се продолжи со ваквиот однос, немаат друг избор освен секој ден да протестираат на улица и да штрајкуваат со глад.

Срам да и е да се засрами мајка е и таа. Има ли совест за нашите деца? Преку нас ли ќе води  тесни партиски интереси и битки. Каде ќе и оди душата на оваа жена, коментираше една самохрана мајка.

Протестите беа подржани и од две невладини организации-здруженија од Прилеп.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.