Свет

Нови проблеми за формирањето на германската влада Социјалдемократите во источна Германија гласаа против големата коалиција

Социјалдемократите во источна Германија гласаа против големата коалиција

Членовите на Социјалдемократската партија на Германија (SPD) во источната сојузна земја Саксонија Анхалт ја отфрлија можноста нивната партија да влезе во нова владејачка коалиција со конзервативниот блок на канцеларната Ангела Меркел.

Гласањето на партиската конвенција се случи ден откако конзервативниот блок CDU/CSU и водството на SPD се договорија да ги започнат официјалните преговори за составување на ткн голема коалиција, којашто медиумите досега ја нарекуваа ГроКо а последниот период ја нарекуваа „коалиција на губитници“ или „палео коалиција“, со којашто 63-годишната Ангела Меркел би го започнала својот четврти канцеларски мандат. Инаку Меркел планира да ја состави новата влада до април.

Меѓутоа, договорот меѓу двете традиционални политички коалиции треба да го потврдат сите членови на SPD на партискиот конгрес кој ќе се одржи во Бон на 21-ви јануари прд поччетокот на официјалните преговори.

Германската сојузна покраина Саксонија Анхалт, во којашто SPD традиционално нема силна поддршка, ќе испрати само шест свои делегати на конгресот во Бон каде што ќе се соберат вкупно 600 делегати на германските социјалдемократи. На партиската конвенција одржана во саботата во Вернигероде, членството го поддржа предлогот на Jusos, младината на SPD, и гласаа со 52 наспроти 51 и четворица воздржани против новата голема коалиција.

„Ние од Jusos нема да бидеме слуги на владата на Црните (бојата на конзервативниот блок),која бара депортации или бегалски логори“, изјави Флоријан Луедке, локален делегат на Jusos, носејќи го беџот со написот „NoGroKo“ (Не за Големата коалиција), пренесува агенцијата DPA.

Во историјата SPD во два мандата владееше во голема коалиција со Христијанско-демократската унија (CDU) на Ангела Меркел и нејзината сестринска баварската партија Христијанско-социјална унија (CSU).

Социјалдемократската младина (Jusos) смета дека повторувањето на коалицијата со конзервативците би претставувало самоубиство на SPD што го покажаа парламентарните избори кон крајот на септември на коишто партијата со освоени 20,5 отсто од гласовите го оствари историски најлошиот изборен резултат. Впрочем, и челниците на партијата истата вечер по изборите најавија дека не доаѓа предвид ново коалицирање со Унијата CDU/CSU, но откако пропаднаа преговорите меѓу демохристијаните, либералите и зелените да ја формираат ткн „Јамајка коалиција“ (според боите на трите партии – црна, жолта и зелена), под притисок на јавноста социјалдемократите се согласија на преговори за постигнување договор за нова влада.