Социјален дијалог за економскиот раст и одржливи работни места

Разгледување на постигнатите резултати од досегашното функционирање на трипартитниот социјален дијалог на национално и локално ниво, како и утврдување на можностите и приоритетните области за делување во следниот период, беа главните теми на седницата на Економско-социјалниот совет со која претседаваше министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими, а во која активно се вклучија и претставниците на репрезентативните социјални партнери – Организацијата на работодавачи на Македонија, Сојузот на синдикатите на Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија.

„Членовите на Економско-социјалниот совет се согласни дека предизвиците со кои се соочува земјата поврзани со долготрајната политичка криза не треба да се пречка за остварување и натамошно динамизирање на трипартиниот социјален дијалог. Времето до формирањето на новата Влада треба ефективно да се искористи за да се поттикне имплементацијата на веќе усвоените економски и социјални политики, но и да се договорат следните чекори кои треба да овозможат натамошен економскиот раст на земјата, преку привлекување нови инвестиции, создавање нови работни места и гарантирање на стабилноста и одржливоста на постојните, со цел подигнување на животниот стандард на сите граѓани и севкупен напредок на земјата“, изјави министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, во својство на претседател на Економско-социјалниот совет (ЕСС).

Осврнувајќи се на функционирањето на ЕСС во изминатиот период, министерот Ибрахими констатираше дека e постигнат евидентен напредок, како во неговото институционално зајакување, така и во остварувањето на неговата основна советодавно-консултативна улога при креирањето и имплементацијата на економските и социјалните стратегии и политики. Во овој дел, членовите на ЕСС разгледаа и дадоа мислења, препораки и поддршка за имплементација на повеќе проекти од економско-социјалната сфера, како што се: проектот „Македонија вработува“, Акцискиот план за вработување на млади за периодот 2016-2020,  измените и дополнувањата на законите за вработување и осигурување во случај на невработеност, за минималната плата, за пензиско и инвалидско осигурување, како и за донесување на Законот за еднократно отпишување на долговите на граѓаните и на Законот за национална база на податоци за лица со инвалидност.

Членовите на ЕСС го констатираа и евидентиот прогрес во јакнењето на институционалните капацитети на Советот за што беа реализирани голем број активности во рамки на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“, кој го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот (МОТ). Благодарение на поддршката и експертизата од МОТ формиран беше секретаријат, како работно тело на Советот, кој доби целосно опремени и функционални работни простории, а изготвени се и деловник, годишна програма за работа и комуникациска стратегија на ЕСС, како и трипартитни акциски планови за подобрување на социјалниот дијалог и за колективното договарање. Поставен е и целосно функционален систем за управување и регистар за евиденција на случаи на мирно решавање на работни спорови, а во тој дел беше организирана и обука за членовите на трипартитната комисија за издавање лиценци на помирувачи и арбитри во работни спорови.

Дополнително, за членовите на ЕСС, на неговиот секретаријат и ноформираните работни тела, беа организирани и ефективни обуки за креирање и спроведување на политики за вработување, за плати, вклучувајќи и минимална плата, за имплементација на меѓународните стандарди за трудот, родовата еднаквост и недискриминација, како и обуки од областа на макроекономијата, неформалната економија, безбедноста и здравјето при работа, социјалната сигурност и управувањето со проектни циклуси.

За претседателот и членовите на Економско-социјалниот совет, сите овие реализирани активности претставуваат солидна основа за натамошно успешно функционирање на ова институционално тело во насока на поефикасно остварување на неговата клучна улога и мисија – јакнење на дијалогот меѓу репрезентативните претставници на работниците, работодавачите и Владата, заради постигнување социјална стабилност и динамичен економски развој на земјата.