Социјално ранливите граѓани ќе куртулат од старите долгови!

Околу 100 илјади граѓани наесен ќе куртулат од старите долгови, пишува Лидер. Како што и беше најавено, стартуваше процедурата за отпис на долговите направени до 31 декември 2013-та, за граѓаните од социјално ранливата категорија.

Mинатата недела излезе огласот за пријавување на фирмите, кај коишто државата ќе ги раздолжува граѓаните, а наскоро Владата повика на ажурност кај доверителите за оваа еднократна законска мерка што поефикасно да заврши.

Од државната каса ќе бидат платени неподмирените сметки за струја, парно, радиодифузна такса, негативните салда на кредитните картички и трансакциските сметки и кредитите кои не се обезбедени со движен и недвижен имот.

Наскоро ќе излезе и огласот на кој грѓаните кои ги исполнуваат условите предвидени со овој Закон ќе можат да се пријават за да им бидат отпишани долговите.

„Очекуваме да се вклучат повеќе субјекти. Апелирам до ЕВН, Топлификација, банките и голем дел други субјекти кои се дел од оваа приказна. Кон средината на август ќе излезе и огласот наменет за граѓаните коишто ценат дека ги исполнуваат условите предивдени во овој Закон“, рече премиерот Никола Груевски.

Според очекувањата на Владата, 50 до 100.000 граѓани ќе ја искористат можноста да ги расчистат долговите без многу талкања по шалтерите.

Ќе им биде потребна само лична карта, венчаница и писмена согласност – останатите документи по службена должност ќе ги обезбеди комисија во Министерството за труд и социјална политика. Огласот за пријавувањето на граѓаните ќе трае 7, а целата процедура за отпис на долговите 30 дена.

На кои граѓани ќе им бидат отпишани долговите?!

Право на вакво еднократно отпишување на долговите ќе имаат три категортии на граѓани: корисни на социјална или постојана парична помош; Невработени кои над 12 месеци барале работа; Лица изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар или инвалидитет.

„Нема ограничување. Нашата цел е овие три категории на граѓани, ако ги исполнуваат условите 100 процентно целосно да им биде отпишан долгот, и по главница и по камати, да биде сведен на нула долгот на граѓанинот. За толку колку што ќе му отпише субјектот долг на граѓанинот, за толку ние ќе им отпишеме обврска да платат данок. Нема ограничување за износот за поединечен граѓанин“, неодамна изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Според законските одредби, предвиден е отпис на долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, а по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити класифицирани во категорија Г и Д од страна на банките, а кои не се обезбедени, и за радиодифузна такса.

За отпишаниот долг доверителите, односно банките, ЕВН, дистрибутерите на топлинска енергија ќе добијат право на даночен кредит во висина на одреден процент на долгот кој нема да биде повеќе од 10 отсто од отпишаниот долг. Од банкарскиот сектор велат дека секоја банка поединечно ќе си пресмета колкаво е нивото на кредитирање.

Според пресметките, овој проект би повлекол околу 12 милиони евра од државната каса, односно по околу 4 милиони евра годишно.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.