Социјално загрозените лица ќе добијат бесплатни елаборати за легализација

Социјално ранливите лица бесплатно ќе добијат елаборати за легализација на бесправно изградени објекти, а од Владата денеска апелираа што побрзо да се искористи оваа можност. Сите лица корисници на социјална или постојана парична помош, како и лицата кои имаат ниски примања веќе може да ги поднесуваат барањата за изготвување на бесплатен елаборат. Процедурата е едноставна и има нула трошоци.

-Лицата кои се корисници на социјална парична помош или на постојана парична помош, треба да извадат само потврда од Центрите за социјална работа дека се корисници на такво право и истата таа потврда да ја однесат во Агенцијата за Катастар за недвижности на шалтер каде што ќе им биде доставен образец да го пополнат, да го пријават своето барање, да го запишат и бројот на поднесокот за основната легализација и потоа во соодветен период ќе се реализира изработката на елаборат од страна на државниот Катастар, истакна владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Лицата пак, кои не се корисници на социјална или постојана парична помош, но се лица со ниски примања до 168 илјади денари годишно на ниво на домаќинство, треба да извадат потврда од страна на УЈП и по истата процедура да ја достават до Катастарот.

Иако рокот за поднесување е до 31 декември 2015 година, од Владата повикаа социјално загрозените лица што побрзо да ја искористат оваа можност, бидејќи ќе имаат поголема корист.

-Би сакале да апелираме сите лица за кои важи ова право, да ги поднесат своите барања во што побрз период за да добијат приоритет при изработката на овие елаборати и во една пократка процедура да може да го реализираат своето право, односно да го легализираат објектот во кој живеат, а тоа несомнено ќе има голема корист за нив, бидејќи ќе добијат сопственост на тој објект, додаде Ѓорѓиев.

Од средината на минатиот месец, од кога тече и рокот за поднесување, до Агенцијата за катастар на недвижности чии служби ќе ги изработуваат елаборатите, се поднесени околу 200 барања.

– Сакаме тој број да биде рапидно зголемен и да се овозможи поголема динамика и интензитет. Убедени сме дека со што побрзото поднесување на барања овие граѓани за кои важи ова право ќе имаат несомнено голема корист и по обем и по квалификации, рече Ѓорѓиев.