Софијанова: Кај детето од Штип не се најдени траги од евентуален отров

Директорката на Клиниката за детски болести, Аспазија Софијанова истакна дека кај детето од Штип, кое наводно беше затруено со отров за глувци во градинка, не се најдени никакви траги од отров, но за  секој случај е донесено на Клиника бидејќи може да настанат подоцнежни компликации од тој отров.

„Се работи за двегодишно дете донесено вчера на Клиника околу 15.15 часот, по претходно чистење на стомачето по претпоставка дека евентулано консумирало одреден отров за глувци. Претпоставката дека детето евентуално го земало отровот, ги навело колегите во Штип да се исчисти стомачето. Не се најдени никакви траги од евентуалниот отров, но за секој случај е донесено на Клиника бидејќи може да настанат подоцнежни компликации од тој отров. Сега детето е во стабилна состојба. Испитувањата покажуваат уреден наод со никакви компликации и знаци дека евентуално доколку го земало тој отров стигнало во циркулацијата,“ изјави Софијанова.

Таа очекува последните резулати кои треба да пристигнат за еден час дека ќе бидат добри и мајката и детето ќе ги пуштат дома.

Според нејзе, ако кај детето имало знаци на труење тоа ќе дало реперкусија барем во еден дел од клиничката состојба, а до сега нема знак на пореметување во клиничката и во хемиска лабораторија.

„Колегите од Штип постапиле исправно, спречиле да не било случјно консумирало.Тоа што се случувало го знаат оние околу него, а ние дејствуваме за најлошото, очекуваме најдобро,“додаде Софијанова.

Овој случај ја крена јавноста на нозе откако мајката на Фејсбук објави дека нејзиното дете се отруло од отров за глувци во градинката, по што стомачето му било исперено и било задржано на клиника.

Изјавата на Софијанова, се поклопува и со изјавата на директорот на градинката „Астибо“, Иле Митров кој се произнесе за овој случај утринава.

„Во петокот и саботата се вршеше редовна дератизација, дезинфекција и дезинсекција (3Д) од страна на Хигиенскиот завод во Штип според сите прописи и процедури. Таков отров за физички да се стави во уста, воопшто не може да се најде, бидејќи се прска. Бидејќи детето ставило нешто во уста, една од вработените се посомневала да не е случајно нешто отровно, имајќи предвид дека викендов се вршеше 3Д. Откако ме повикаа и ми го кажаа случајот, превентивно решив детето заедно со родителите да се однесе во болница, каде што според испитувањата констатирано е дека нема ништо. Но, родителите и покрај тврдењата на медицинскиот персонал дека може детето да си оди дома, одлучиле детето да го однесат во болница во Скопје. Јас сум во контакт со еден од родителите и тој потврдува дека испитувањата во Скопје исто така покажале дека се е во ред, протоколарно се задржани 24 часа,“ вели директорот на градинката Митров.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.