Софијанова: Подготвена сум да поднесам морална одговорност

По обвинувањата упатени до доктор Аспазија Софијанова, дека донела лоша одлука во врска со состојбата и случајот на Тамара Димовска, која почина пред два дена, д-р Софијанова даде своја официјална изјава во која вели дека е подготвена да поднесе морална одговорност и да се откаже од функцијата член на Комисија.

Ова е интегралниот текст:

По повод последните написи во медиумите во врска со случајот на Тамара Димовска, би сакала подетално да ги разјаснам фактите и деталите кои ми се познати мене.

По донесената негативна одлука од првостепената комисија при ФЗО одлучуваше второстепената комисија чиј член сум јас. Мислењето кое го имавме добиено од ФЗО беше во насока на тоа дека ќе се отвори Спинален центар каде Тамара би била оперирана. Не сум експерт од областа на ортопедија и девојчето никогаш не беше пациент на Детската клиника. Решението го потпишав како претседавач а не претседател на комисијата, која во мое отсуство едногласно одлучила според насокоите дадени од ФЗО а според кои ќе се чека отворањето на Спиналниот центар. Морам да нагласам дека со ставањето потпис на веќе донесеното решение сметав дека е во насока на убрзување на целата постапка, бидејќи без правосилно решение не може да се преземат останатите правни мерки. Моето потпишување или непотпишување на решението кое е објавено во медиумите немаше на никој начин да ја смени одлуката која се носи со мнозинство гласови од членовите на комисијата и која е само потврда на мислењето на првостепената комисија која е составена од специјалисти од областа на ортопедијата кои најдобро можат да ја проценат состојбата на детето.

Откако на барање на мајката се запознав со случајот, сфатив дека се работи за тежок случај на конгенитална болест кој мора да се третира што поскоро. Токму затоа направив се во моја моќ случајот повторно да биде разгледан. По повторното разгледуваање првостепената комисија во која членуваат лекарите кои го третирале девојчето донесе позитивна одлука но за жал предоцна.

Можете да ме обвинувате за многу работи но не и за негрижа кон децата. Во 2014 година од оваа клиника се пратени стотина деца на лекување во странство. Секому кому му требало третман кој не сме можеле да му го пружиме бил упатен во странство. Голем дел од нив и со свои раце ги носев во странство, од мали бебиња до големи деца. Во овој момент, сите деца за чие лекување се собираат донации имаат добиено конзилијарно мислење од Клиниката за детски болести за лекување во странство, а постапката продолжува во другите институции.

Кога сме кај чувството на вина, искрено жалам и согласна сум да ја прифтам вината доколку тоа му помогне некому мирно да спие. Подготвена сум да поднесам морална одговорност како член на Комисијата и да се повлечам од таа функција. Јас ја увидов грешката направена на комисијата и направив се што е во моја моќ да ја исправам во најкус можен рок. Нека овие тешки денови за семејството ни бидат лекција на сите нас. Што не научи Тамара нас? Дека човечкиот живот е поважен од административните пречки, комуникацијата мегу институциите, соработката мегу сите засегнати органи. Ве уверувам дека како човек секогаш сум се залагала и се залагам за здравјето на децата. Тоа е моја примарна цел и моја животна битка и како лекар и како директор на клиниката а пред се како мајка.