Согласност за секс од 11-годишно девојченце на расправа пред францускиот суд

Може ли 11-годишно дете слободно да се согласи на сексуален однос со 28-годишне маж е прашањето коешто ќе биде во центарот на судењето коешто започнува во вторникот во Понтас, во департманот на француската престолнина Париз, додека со нацрт-закон се предвидува воведување минимална возраст за согласност.

Аферата претставуваше шок и предизвика горлива дебата во Франција. На 24-ти април 2017 година, 11-годишно девојче следи маж, кој веќе двапати претходно ѝ пришол, до неговиот стан каде имаат сексуален однос. Нејзините родители поднесуваат тужба за силување опишувајќи престравено дете, неспособно да се брани и шокирано од она што се случило.

Меѓутоа, обвинителството сметало дека не станува збор за силување, бидејќи односот бил доброволен и не бил извршен никаков физички притисок врз малолетното девојче кое отишло по мажот по сопствена волја. Оценувајќи дека немало „ниту насилство, ниту присила, ниту закана, ниту изненадување, обвинителството се реши кривично да го гони овој татко на две деца за законски забранет сексуален однос со дете што е дефинирано како „сексуален напад врз малолетничка во возраст до 15 години“. За тоа му се заканува затворска казна до пет години.

Судската постапка, меѓутоа, би можела повторно да се врати на почетокот, бидејќи родителите на девојчето имаат намера да побараат мажот кривично да биде гонет за силување, за што е предвиена затворска казна од 20 години, а не за сексуален однос без присила за што може да добие најмногу пет години затвор.

Минатата есен излегоа на површината уште две афери: ослободувањето на 30-годишен маж, обвинет а силување на 11-годишно девојче, и осуда на 18 месеци затвор за професор кој бил во врска со својата 14-годишна ученичка.

Француската влада тогаш одлучи да воведе минимална возраст за согласување на сексуален чин, за што претседателот Емануел Макрон би сакал да изнесува 15 години. Нацрт-законот против сексистичкото и сексуалното насилство кој би требало да го одреди овој праг се очекува на Советот на министрите на 7-ми март. Дотогаш министерството за правосудство ја задолжи „плуридисциплинарната комисија“ за придонес во јавната расправа. Група стручњаци, меѓу кои правници и лекари, би трабало да ги изнесат своите мислења до 1-ви март.

За Карин Диебол, адвокатката на девојчето и нејзините родители во спомнатиот случај, „прашањето на согласност од 11-годишно дете не би требало ниту да се поставува“. Доколку нејзината клиентка и се препуштила, тоа било бидејќи била во состојба на шок, смета адвокатката Диебо за којашто сите уставни елементи се присутни во оваа афера: покрај сексуална пенетрација, „морална принуда“ којашто произлегува од нивната разлика во годините, изненадување, насилство и закана.

Адвокатот на одбраната, пак, истакнува дека „наводната жртва изгледа постара од својата возраст, како и дека во тој дух за неговиот клиент имала 17 години“. Тврди, исто така, дека девојчето „лаже за сето тоа и не е никаква светица“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.