Шојер: Да запре финансирањето џамии во Германија од странски држави

Високо позиционираниот претставник на една од германските владејачки партии, Андреас Шојер повика на донесување закон што нема да дозволува џамиите во Германија да се финансираат од странство, пренесува МИА.

Шојер, главен секретар на Христијансоцијалната унија, (ЦСУ) за весникот „Велт“ изјави дека треба да се запре финансирањето џамии или исламски детски градинки од земјите како  Саудиска Арабија и Турција. Тој изјави дека имамите треба да бидат обучувани во Германија и да ги споделуваат фундаменталните вредности.

– Германскиот јазик треба да биде јазикот во џамиите, изјави политичарот за германското издание.

Христијансоцијалната унија е баварскиот огранок на партијата на Ангела Меркел, Христијандемократската унија, (ЦДУ). Партијата го критикува германскиот канцелар дека не доволно прави за намалување на миграцискиот прилив во земјата.