Сојуз на Ромите: СДСМ врши притисок врз вработените Роми во институциите

Парламентарната партија Сојузот на Ромите на Македонија реагира на начинот на кој СДСМ врши притисок врз вработените Роми во институциите.

„Имено, врз врабоетни Роми во јавната администрација од страна на директори во државни органи Генерален секретаријат, Државен архив на РМ, ГТЦ и неколку министерства насилно ги тераат вработените Роми да го посетат штабовите на СДСМ во општина Шуто Оризари, да се сликаат со кандидатот за градоначалник Курто Дудуш и сликата да му ја покажат на директорот на институцијата. Дали вака дојде животот кој го промовираше СДСМ? Го повикуваме раководството на владејачката партија во името на овие мирољубиви Роми во Македонија да им укаже на нивните поставени раководители и директори на институциите да престанат со ваквите притисоци и да и овозможат на администрацијата да си ја врши својата работа професионално“, порачуваат од партијата.

Од Сојузот на Ромите прашуваат дали СДСМ има за цел да се вратиме во времето кога Ромите ги немаше во институциите?

„Самиот почеток на владеење на СДСМ и во првите 100 дена покажаа дека за Ромите нема место во извршната власт. Дали со ваквите притисоци СДСМ сака и тие малку Роми кои работат во администрацијата да ги нема“, прашуваат.

Преку денешната прес-конференција, освен јавноста, тие имаат за цел со оваа состојба да ги запознаат и претставниците на ЕУ, странските амбасади, ОБСЕ/ОДИХР, како и народниот правобранител и да ги повикаат да реагираат соодветно на ваквиот начин на практикување на власта.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.