Солунскиот градоначалник негира дека го поканил Заев за новогодишните празници

Градоначалникот Јанис Бутарис тврди дека не го поканил премиерот Зоран Заев, за Нова година во Солун, но за разлика од него, владиниот портпарол Миле Бошњаковски вели дека македонскиот премиер за новогодишните празници ќе оди во Грција на покана од Бутарис, а посетата ќе биде „во форма на приватна посета“.

„Премиерот Заев ќе оди, но посетата ќе биде во форма на приватна посета, значи нема да биде официјална државна посета“, рече Бошњаковски.

Изјавата на Бутарис, пак, е малку поинаква. Тој тврди дека не го поканил Заев, туку македонскиот премиер сам се поканил.

„Јас не го поканив, всушност тој се самиот се покани“, изјави за грчкиот весник „Вима“ градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис.

„За време на мојата посета во Скопје во ноември се сретнавме, се запознав со него и тој ми кажа дека сака новогодишните празници да ги помине во Солун. Му реков да дојде, времето ќе биде добро и дека верувам дека ќе си помине убаво. Не претпоставив дека ова ќе се протолкува како формална покана. Сега дознав дека со околу 15-ина пријатели резервирале соби во хотелот ‘Македонија Палас’. Ако ми се јави, ќе дојдам да се сретнеме, ако не, нека ја помине Новата година со своите пријатели“, вели Бутарис за BHMA.

Претходно, Бутарис и во изјава за бугарската агенција БГНЕС кажа дека Заев го информирал оти за Нова година ќе оди во Солун во приватен аранжман. Но, тој, како што рече, ќе му помогне што може.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.