Солунскиот градоначалник во одбрана на Музалас: И јас многупати велам Македонија

Солунскиот градоначалник Јанис Бутарис застана во одбрана на министерот за миграции Јанис Музалас, кој што деновиве е мета на жестока критика во грчката јавност, откако во телевизиска емисија нашата земја ја нарече под уставното име.

Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, Бутарис на состанок на гратскиот совет рекол дека и нему многу пати му се случува нашата земја да ја нарече под уставно име, иако после тоа се поправал и велел дека згрешил.

Γолемиот проблем за земјата започна со Самарас и додека официјалната позиција на владата е сложено име, ние го слушаме националистичкиот патриот Каменос, кој што прави случај од тоа што Музалас направил грешка. Засрамете се што отварате ваква тема за дискусија. Кога сите Сиријци и Ирачани велат мора да минеме низ Македонија, кога насекаде низ светот поради нашата грешка сите велат Македонија, а ние велиме ФИРОМ,  срамно е да зборуваме за ова. Срамно е, бидејќи Музалас се растргна за прашањето за бегалаците, изјавил Бутарис.

Вчерашниот двочасовен состанок меѓу грчкиот премиер Алексис Ципрас и коалицискиот партнер Панос Каменос заврши без конечно решение. Каменос бара оставка на Музалас, но одлуката на Ципрас ќе биде донесена за околу три дена, по неговото враќање од Самитот од Брисел. Во грчката јавност се погласни и почести се повиците наместо со Музалас, Ципрас да се збогува со Каменос.