Повторно солзавец во косовското Собрание

Повторно солзавец во косовското Собрание. Седницата во косовското собрание на која треба да биде разгледан Нацрт законот за буџет за 2016-тата е прекината, откако опозицијата го блокираше работењето на парламентот, јавува Ројтерс.

Опозициските пратеници фрлија солзавец и ги прскаа со лут спреј министрите.

Во моментот кога претседателот на парламентот Кадри Веселји ја отворил седницата во Собранието пратениците од опозицијата ја опколиле говорницата, а тогаш во собраниската сала влегле повеќе десетици припадници на обезбедувањето.

Додека шефот на парламентарната група на Демократската партија на Косово Адем Грабовици настојувал да каже дека седницата треба да се одржи, пратеникот и поранешен лидер на Движењето за Самоопределување Алјбин Курти употребил лут спреј и ги испрскал припадниците на обезбедувањето и министрите.

Седницата е прекината. Претседателот даде пауза и ги повика шефовите на пратеничките групи на состанок.

Овој инцидент е четврт во период од два и пол месеци, од кога опозицијата го блокира работењето на Собранието во Косово, барајќи да се отстапи од Договорот за заедницата на српски општини, како и од демаркацијата на границата со Црна Гора.