Сомнителен турски авион над австриското небо, властите стравуваат од повторување на 11 септември

Австриските медиуми денеска објавија детална приказна за драмата на авион од турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ која се случила во петокот во текот на летот Франкфурт-Истанбул кој принудно слетал на виенскиот аеродром.

Вниманието на австриската контрола за летање го привлекол „Боингот 737-800“ кој превезувал 180 патници во петокот во 14:55 часот. Имено, по влегувањето во австрискиот воздушен простор кај месноста Ункен во покраината Сацбург, австриските контролори на лет не успеале да воспостават радио врска со пилотот. Малку подоцна, контролорите забележале сигнал кој пилотот го активира кога авионот е киднапиран. По тоа авионот го променил курсот и се упатил кон исток.

Службата за надзор на воздушниот простор се обидела да воспостави контакт со авионот, праќајки им порака на арапски јазик бидејќи и тие се посомневале дека авионот е киднапиран и дека ќе биде употребен како терористичко оружје за напад на повеќе градови во Австрија, како што беше случајот во 2001 година со нападот на кулите близначки во Њујорк. Градот кој се наоѓал на рутата н а авионот бил Виена.

Иако авионот летал на висина од само 4.000 метри, тој го прелетал воениот аеродром „Зетвег“. Ниеден од австриските воени авиони не можел да полета бидејќи резервоарите им биле празни поради мерките за штедење, кои поради кризата во буџетот ги спроведува австриската војска.

За среќа, кај месноста Хершинг имало стационирано два авиони од типот „СААБ 105“, ловци вооружени со митралези, кои веднаш полетале. Во 15 часот, контролата за летање за прв пат успеала да воспостави врска со пилотот кои им рекол дека ќе мора принудно да слета во Виена.

Меѓутоа, ни по контактот со пилотот, контролорите на лет не можеле официјално да објават дека се работи за лажна тревога и за киднапирање на авион, бидејќи пилотот делувал многу нервозно и поради тоа не можеле да ја исклучат можноста дека во моментот се работело за закана од терористички напад.

Во 15:07 часот пилотите на вооружените авијациски сили на Австрија за прв пат воспоставиле визуелна врска со „боингот“ и со придружба го испратиле авионот до виенскиот аеродром. Во 15:27 часот пилотот го исклучил алармот кој предупредува дека авионот е киднапиран.

Иако временските услови биле лоши, авионот во 15:28 безбедно слетал на виенскиот аеродром, каде пристигнала и полиција и брза помош.

Кратко по слетувањето решена е мистеријата за „киднапирањето“. Имено, при влегувањето во австрискиот воздушен простор во авионот дошло до опаѓање на воздушниот притисок и поради тоа пилотот бил принуден да го спушти авионот на помала висина за да дојде до погуст воздух. Во тој момент меѓу патниците избила паника, а на еден патник му се слуошило.

Спуштањето на авионот на помала висина во текот на вакви случаи е дел од стандардна процедура. Меѓутоа, пилотот, наместо нормалниот аларм за случај за опасност, по грешка го притисн ал другото копче на трансондерот и така го активирал алармот за случај на киднапирање. Патникот на кој му се слошило бил згрижен во аеродромската амбуланта додека останатите патници до крајната цел отпатувале до други авиокомпании.