17.8 C
Skopje
четврток, март 28, 2024

Сомотска тупаница како предзнак

Власта не е средство, туку цел. Диктатура не се воспоставува за да се сочуваат придобивките од револуцијата, туку револуцијата води до диктатура.

Оваа мисла на Орвел, сѐ почесто доаѓа на ум изминативе месеци. Тој ја гледаше иднината низ слика на чизма што гази човечко лице; а чизмата, се знае, може да биде национална (полициска) или меѓународна (воена). Дали е ова драматична констатација за македонските состојби? Можеби! Но, сигурно е дека е вредна за размислување поради сигналите кои стануваат сѐ поочигледни. Како инаку да се сфати постреволуционерна власт која бара молк и апсолутна верба на јавноста? Нејзината тупаница е (сѐ уште) во сомотски ракавици, а гласноговорници се дури и универзитетски професори. Пораката, накусо, гласи: немојте ни да се посомневате во она што го прави власта, таа знае што е најдобро за вас иако води битка која не може да ја добие; немојте да ја деранжирате и вознемирувате со јавна критика, бидејќи тоа ќе наштети на реформските процеси и дипломатски преговори; дури и ако презема лоши чекори и сѐ заврши погубно, дајте ѝ поддршка, бидејќи тоа е наша власт!

Идејата за демократијата и за слободата почиваат на обратната теза: сомневај се во сето постоечко! De omnibus dubitandum est! Особен сомнеж треба да се има кон сѐ што доаѓа од власта, како порака или мерка, не само без консултации со јавноста, туку и со нејзино замолчување. Ако во кривичното право свет принцип е пресумпцијата на невиност, кај политичарите мора да е обратно. Сомнителни се, сѐ додека низ дела не го докажат спротивното. Почетоците на оваа власт беа обележани со воведување на Министерството на вистината, кои лојално и вредно си ја вршат работата, дисквалификувајќи секого што ќе се осмели да размислува инаку. Освен ова „суптилно“ дејствување, сѐ почести се знаците и за несуптилни притисоци, па и латентни закани кон неистомислениците. Ова малкумина ќе го посведочат јавно, но нивниот молк зборува доволно.

Има ли Македонија интелектуалци? Што се тоа интелектуалци? Кој ги определува критериумите за тоа? Прашањето е старо и легитимно. Но, одговорот не треба да се бара во бројката, степенот на образование или популарност/препознатливост, туку во тоа дали се молчи пред власта (или моќните од дома или надвор) кога тоа се бара од некого. Ралф Валдо Емерсон одамна го објасни овој феномен со синтагмата за “One man”, т.е. поим кој ја опфаќа човековата личност во нејзиниот тоталитет, со сите димензии на нејзиниот потенцијал и автентичност (без оглед дали станува збор за земјоделец, работник, инженер, свештеник, или научник). Интелектуалец е секој кој промислува за себе, за другите, за светот околу себе, а најмногу за нештата што можеби не го ни засегаат лично. Тој не е и не смее да се претставува како надчовек; без оглед на неговото рацио, тој е и дел на општественото ткиво, субјективен фактор во менувањето на постоечкото – во смисла на Марксовата теза за менување на светот, а не само негово разбирање. Позицијата на јавен интелектуалец не може да се мери со квантумот на неговото знаење; нужна е и акција. Седењето настрана, интелектуалниот аутизам, салонскиот интелектуализам и академските кули од слонова коска се параван зад кој се крие страшливост. А стравот е токму она од што живеат диктатурите! Која е смислата ако „високата наука“ не се искомуницира и пренесе на пошироката јавност? Интелектуалецот мора да умее да разговара за најсложените прашања и да ги објасни и на најнеукиот, особено ако е тој засегнат со она за што се одлучува. Според Емерсон, ваквиот јавен ангажман интелектуалецот не го врши затоа што е тоа негова обврска, туку внатрешна потреба; не заради профитерство, туку затоа што умираме кога престануваме јавно да говориме за важни нешта (Мартин Лутер Кинг). Јавните интелектуалци претставуваат многу повеќе од она што го знаат, тие се симбол на вредностите за кои се залагаат и за кои се борат без страв и калкулирање за сопствената благосостојба или безбедност. Тие вредности се поврзани со правдата и човековите права, и подеднакво лицемерно е од интелектуалецот да се бара да молчи кога кршењето на човековото достоинство се случува пред неговите очи, исто како и кога се замолчува затоа што го дигнал гласот поради некоја војна таму некаде далеку. За власта ова се субверзивни дејности, па затоа денунцијаторите вредно работат на правење црни листи.

Да се стане јавен интелектуалец не е лесна работа; уште потешка е да се биде признат во општества заразени од дефетизам и малициозност, од осиромашеност на „телото“ и духот. Најважно е, сепак, да се биде одговорен интелектуалец. Тој нужно балансира помеѓу личното (приватното) и јавното (општественото), што не е ни малку лесна работа. Саид ги дефинираше овие дилеми одамна: како може истовремено да биде посматрач и учесник во општеството? Како треба да реагира на драматично менливите констелации во општеството, без при тоа да ги компромитира сопствените непроменливи принципи и уверувања? Би додала: како да си остане верен себе си, кога дејствува во несовршен свет во кој сите свети цивилизациски вредности се перверзно злоупотребени, ничкосани на колена, кога војната е мир, а мирот е војна? Како да остане релевантен, убедлив и првенствено разбран, без да се прифати „новоговорот“ кој го наметнува не само власта, туку и НВО секторот? Ганди ги забележа седумте најголеми општествени гревови: политика без принципи, богатство без работа, задоволство без совест, знаење без карактер, економија без морал, наука без хуманост и богослужба без жртва. Сите тие се оживотворени пред нашите очи, а за жал добар дел од интелектуалците имаат голем удел во тоа. Оттука и прашањето за одговорноста и мисијата на јавниот интелектуалец. Дури и оние кои се држат само до струката не се ослободени од одговорност (академска, професионална, етичка). Ваквата позиција е најмалку привилегија, туку многу повеќе е одговорност. Излегувањето од безбедната сфера на професијата е ризик – да кажете нешто за што ќе ви се потсмеваат или да заведете на погрешен пат со сила на јавниот углед. Мнозина, соочени со ваквата тешка дилема, одбираат да молчат. Еднаш јавно кажаниот збор станува „јавна сопственост“, односно не ви припаѓа само вам, туку и на сите оние кои го толкуваат, го вивисекцираат или злонамерно „откриваат“ задни намери. Интелектуалецот е често малцинство наспроти мнозинството и моќните, па дури и да биде етикетиран како реакционерен, радикален антизападен елемент. Тоа е крстот што си го носи секој, па затоа кога не оди во насока на мејстримот мора да биде подготвен стоички да издржи и вулгарности, клеветења, па и закани. Хистеријата околу диференцијацијата на интелектуалците на „патриотскиот“ или „европскиот“ табор е апсурдна, патетична и мачна. Интелектуалецот е критичар на секоја власт, на секој центар на моќ, секогаш и насекаде, без оглед дали таа се остварува на национално или европско/светско ниво. И да завршам со уште една парафраза на Маркс: историјата не чини ништо, таа не создава огромни богатства, ниту бие битки. Луѓето, кои се стварни и кои живеат, се оние кои го прават сето тоа. А синџирите не ги чувствуваат само оние кои се пацифизирани и мртви, иако живи.

Автор: проф. д-р Билјана Ванковска за Нова Македонија

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.