Сончево со студено утро и магла во котлините, еве каде беше најстудено

Времето во Македонија ќе биде сончево, утрото студено со услови за слаба магла по одделни котлини.  Температурата ќе се движи од два до 10 степени.

Во Скопје ќе биде сончево, утрото студено со услови за слаба магла. Температурата ќе достигне до шест степени.

Во наредните денови ќе се задржи период на стабилно време со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во постепен пораст. Најстудено ќе биде утре наутро.

Од утре до сабота во претпладневните часови ќе има температурна инверзија што по одделни котлини ќе ги зголеми условите за појава на магла или заматеност на атмосферата.

Најстудено изутринава е во Берово каде се измерни – 13 степени, во Маврово -11, во Лазарополе и Крива Паланка -10, во Скопје Петровец, Пожаране, Крушево и Прилеп -8, во Скопје Зајчев Рид, Претор, Демир Капија, Тетово, Битола, Штип и Струмица -7, во Виница, Дебар, Тополчани, Ѓуриште -6 степени, и во Гевгелија и Охрид -5 степени.

Најмногу снег има во Маврови Анови, каде утринава се измерени осум сантиметри, шест во Ѓуриште, пет во Пожаране, по три во Берово и Лазарополе и еден сантиметар во Крива Паланка.