Македонија

Сончев град ќе биде атракција на Балканот, стартува годинава

Сончев град ќе биде атракција на Балканот, стартува годинава

Долгонајавуваниот елитен  комплекс Сончев град, прво ќе добие една станбена зграда и 75 луксузни куќи кои според проектот ќе имаат наjмалку три ката. Во тек се подготвителни работи околу стартот на градежните активности, се пробиваат мали споредни улици во населбата, а регионалниот пат во должина од 4,5 километри за поврзување на Скопје со Сончев град, треба да се заврши следната година. Министерството за транспорт и врски веќе распиша тендер за изградба на канализација.

Инвеститор на елитната населба е турската компанија „Џевахир холдинг”, која  ги гради и висококатниците во населбата Аеродром. Сончев град ќе опфаќа површина од 85 хектари, а „Џевахир холдинг”  има обврска на 51 отсто од парцелата за населбата да изгради куќи, а останатиот дел ќе биде резервиран за згради, јавни институции, трговски центри, бензински пумпи, училишта и објекти за рекреација.

Според договорот, изградбатаа на оваа елитна населба треба да заврши за шест години.

„Дозвола за градба добивме, проектите се довршуваат, се расчистува местото и се подготвува за градба. Но, кога ќе се стартува со изградбата на првите куќи, навистина не можат точно да кажам. Секако, тоа ќе биде годинава. Прво ќе се гради на површина од 40.000 метри квадратни. Веќе постои заинтересираност за купување на куќите, но ние во принцип додека не почнеме со градба не склучуваме купопродажни договори. Можам само да кажам дека Сончев град ќе биде нешто најново  на Балканот“, вели Ејуп Учак од „Џеваир холдинг“.

soncev grad

Идејата за изградба на Сончев град во јавноста се промовираше пред шест години. Израелската фирма „ИБЦ“ имаше неуспешен обид да изгради елитна населба, бидејќи околу реализацијата на проектот се појавија доста административни и технички препреки.

Урбанистичкиот план кој не соодветствуваше на вистинската состојба на терен, прво ја одолговлече целата процедура, а потоа на барање на Израелците Уставниот суд ја укина одлуката со која беше донесен планот. На крајот, спо­год­бе­но се рас­ки­на до­го­во­рот со изра­ел­ски­от ин­ве­сти­тор.