Македонија

СОНК ја губи поддршката од сите страни

СОНК ја губи поддршката од сите страни

Синдикатот за образование, наука и култура ја губи поддршката за најавениот штрајк во понеделник, откако ограноците на Синдикатот од Велес, Битола, Штип, Кичево и други градови се изјаснија дека нема да го поддржат штрајкот на СОНК. Тие се согласни дека истиот е за лични амбиции на раководството.

Петте гранкови синдикати кои се дел од една од најголемите синдикални организации во Р.Македонија – Конфедерацијата на слободни синдикати, се оградуваат од идејата и одлуката за организирање на генерален штрајк во образованието, според кои истиот е инициран од претседателот на СОНК Јаким Неделков и мала група на негови приврзаници, со цел задржување на актуелните позиции преку реизбор во следната година.

– Навистина жално и трагично, сегашната младина и иднината на нашата земја да биде заложник на една однапред планирана ситуација во која најголема штета ќе биде застојот на нивниот воспитно-образовен процес, што пак, ќе предивика бројни други последици. Оние во почетните години на основното образование ќе немаат добра подлога за сите понатамошни образовни предизвици, додека пак, оние во завршните години ќе немаат целосно заокружен процес и подлога за продолжување на високото образование или за настап на пазарот на труд, истакна Лидија Карастојанаова-Андова, претседател на замјоделскиот синдкат на РМ, која доаде дека местото на учениците е во училишните клупи, каде со помош на наставниците го стекнуваат потребното знаење за понатамошен професионален напредок.

ОД КСС потенцираат  дека доколку раководството на СОНК не се откаже од намерата за штрајк –учениците ќе останат заложници на личните и себични идеи на еден затворен круг на луѓе кои ги остваруваат сопствените амбиции.

– Истите тие луѓе креатори на ваквите политики безмилосно ќе ги прекршат правата на децата на образование, а од друга страна ќе се претставуваат како жртви на еден неправеден општествен систем, кој за волја на вистината, континуирано ги унапредува работничките права, вклучувајќи ги и правата на анставниците, додаде Карастојанаова-Андова.

Охридскиот огранок на СОНК беше меѓу првите кој соопшти дека нема да го поддржи штрајкот. Одлуката е донесена бидејќи нема вистинска причина за штрајк, вели претседателот на охридскиот огранок на СОНК.

Според него, раководството во Скопје неколкупати го менуваше ставот бидејќи не постои вистинска причина за штрајк.

– Регионот смета дека се работи за изговор и лична идеја во очи на изборите за претседател на синдикат за образование наука и култура на цела држава кои избори ќе се одржат следната година. Повеќе од јасно е дека напредок и договор во насока на унапредување на правата на работниците се постигнува преку социјален дијалог којшто во нашата држава постои, рече Аце Речкоски претседател на СОНК Охрид.

Поддршка за штрајкот на СОНК не дојде ниту од Кичево. Според Дарко Крстески, претседател на Синдикатот на ОУ „Христо Узунов“ од Другово, кој ги претставува просветните работници од тој регион, наместо идејата за генерален штрајк  која е иницирана од тесното раководство на СОНК, заради задоволување на лични амбиции и цели преку задржување на сегашните функции, синдикалните организации од регионов, ја поддржуваат идејата за социјалниот дијалог низ кој и досега сме функционирале.

-Со дијалог сме дискутирале и решавале бројни ситуации со извршната власт, во корист на сите просветни работници, а не во корист на мала група луѓе. Не велам дека состојбата во моментов е перфектна кога е во прашање статутот на просветните работници. Но, членството на нашиот синдикален огранок одлучи дека воопшто не е моментот да се организира штрајк за кој во јавноста се појавија бројни тези и тврдења околу вистинската негова намера и кои полека се потврдуваат, истакна Крстески.

Синдикатот на студентските домови како и ученичките домови, исто така не ја подржуваат одлуката на СОНК за организирање на генерален штрајк на 29 септември.

-Сметаме дека истата е крајно нелогична, неразумна и донесена од тесно синдикално раководство, со единствена намера за остварување на лични цели и амбиции, не земајќи ги во предвид интересите на учениците и студентите, кои што согласно неконзистентноста на ставовите и политиките на СОНК во изминатиот период, очигледно е дека ќе бидат заложници во целата оваа ситуација за која што постои и многу поедноставно решение преку примена на бројни правни механизми, но пред се преку продолжување на социјалниот дијалог, истакна Валентина Спасовска, секретар и член во Државниот студентски дом Кузман Јосифовски-Питу, во име на членовите од ученичко-студентските домови.

Иста порака СОНК доби и од Штип. Градоначалникот Илчо Захариев, денес одржа состанок со овластениот просветен инспектор и директорите на детските градинки и на основните и средните училишта. Причина за средбата е најавениот штрајк на СОНК во образованието, кој може да предизвика проблеми во наставата.

Заклучокот од средбата е дека наставата ќе продолжи, без оглед на тоа дали ќе има или ќе нема штрајк.

– Општината е должна согласно Законот да обезбеди непрекинат тек на наставата. Таа мора да се одвива во нормални услови и децата да немаат отсуства и немање на часови. Како општина ние сме должни да обезбедиме училиштата да работат. За тоа дали ќе има или не штрајк, дали ќе се вклучат наставници и колку, надлежен е синдикатот, изјави Драган Ристов, портпарол на општината по средбата.

На најавениот штрајк на СОНК во образованието, кој може да предизвика проблеми во наставата, реагираа и од Синдикатот во Велес.

Регионалниот претседател на младите на СОНК Горанчо Крстиќ истакна дека не ја поддржува идејата за штрајк и дека тоа не е начин за решавање на проблемите.

– Иако првично штрајкот наиде на одобрување со текот на времето кај малдите веќе се јави сомнеж да не се излезе на штрајк. Штрајкот не е решение да се добие нешто. Пред се треба да се седне и преку дијалог да се изнајде решение со Минитесрството за образование и наука, рече Крстиќ.