СОНК организира штрајк-платите во образованието растат!

За 10 години двојно се зголемиле платите на просветните работници. Од 2005-та до денес, постојано се прави нагорна корекција на примањата во образовниот сектор, во корелација со повисоките трошоци за живот. Кај најниската плата зголемувањето изнесува 110,5%, додека кај највисоката 62,4%, пишува Лидер.
pari-500

Најниската плата во 2005-та година изнесувала 5.060 денари, додека годинава е 10.655 денари.

Првото, поголемо зголемување на примањата на наставниците се случи во 2007-та година, кога платите скокнаа за 10 проценти. Во 2008-та добија покачување за уште 10 отсто. Следната година зголемувањето изнесуваше 900 денари, а во март 2010-та добија покачување за уште 8 проценти.

По неколку години пауза, период во кој беснееше светската финансиска и економска криза, од октомври годинава, платите во јавната администрација, а со тоа и во образованието, ќе бидат зголемени за дополнителни четири проценти, со најавено покачување и во наредната година.

По многуте шпекулации, Собранието на средината од септември ги донесе законските измени, со кои е предвидено октомвриската плата, која ќе биде исплатена во ноември, да биде повисока за 4 проценти.

-Поради светската економска и европската должничка криза, зголемувањето на платите беше одложено за одреден период. Сепак, Владата изнајде доволно средства да ја продолжи ваквата тенденција, со цел подобрување на животниот стандард на вработените во јавната администрација и нивно мотивирање за попрофесионално извршување на обврските, објасни министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Задоволни се и во ССМ.

„За нас, ова зголемување е важно затоа што е вклучено и во колективните договори, што значи дека со тоа доаѓа и зголемување на висината на коефициентите. Со ова се исполнува нашето барање за зголемување на платите, што е потврда дека социјалниот дијалог во државава функционира и се исполнува договореното“ – смета претседателот на ССМ, Живко Митревски.

Кризата удри по платите на наставниците во ЕУ!

За разлика од Македонија, каде во годините пред кризата, платите на просветните работници постојано се зголемуваа, а за време на кризата, не се чепкаше кај нивните примања, во повеќето земји на Европската унија се случуваше спротивното. На пример, на средината од 2010-та, Грција им ги намали платите на наставниците за 30 проценти, а повеќе не се исплаќаа ниту бонусите за Велигден и за Божиќ. Ирска во 2011-та, на нововработените наставници им ги намали платите за цели 13 отсто, а во 2012-та за 20 проценти. Во Шпанија кастрењата достигнаа 5 насто, слично како и во Португалија. Франција ги замрзна платите на наставниците во 2011-та и 2012-та, а на ваков чекор се реши и Италија. За споредба, платите на наставниците во регионот се слични како и кај нас. Просечната плата во образованието во Србија е околу 43.000 динари, односно околу 360 евра. Слична сума земаат и наставниците во Црна Гора. Нешто повисоки плати имаат наставниците во Бугарија, која заедно со Романија, се двете земји од ЕУ кои се наоѓаат на дното, по висината на исплатените плати на просветните работници.

Штрајк за плати или за фотелји?

И покрај неколкукратното зголемување на платите, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) за 29 септември закажа генерален штрајк, поради како што тврдат, потпросечните плати во основното и средното образование.

-Платите се ниски и ние со аргументи можеме да докажеме дека тоа е така, во однос на зголемувањето на животните трошоци, и во однос на обемот на работа, кој е зголемен поради реформите кои се променуваат, вели претседателот на СОНК, Јаким Неделков за Дневник.

Сепак, се чини дека не сите го делат мислењето на Неделков. Регионалната организација на СОНК од Охрид, која брои 900 членови, нема да го поддржи штрајкот.

-Од 21 синдикална организација, ниту една не даде поддршка за штрајкот, односно не се сложи со барањата кои се општи и не се конкретни. Барањата се општи и во нив се бара почеток на преговори, а тоа не се прави преку штрајк, смета претседателот Ацо Речкоски.

Сомнеж во заднината на најавениот штрајк изрази и премиерот Груевски.

-Секој синдикат има право на штрајк, но чудно е што токму СОНК беше синдикатот кој во изминативе години, во континуитет, јавно даваше поддршка за проектите кои ги заврши Владата, а беа поврзани со барањата на СОНК. Често пати предводниците на СОНК кажуваа дека Владата исполнила многу повеќе од нивните очекувања, дека тоа што го чекале со децении го добиле во мандатот на оваа Влада, дека се презадоволни од работењето на Владата, а пред еден месец почнаа со најавите за штрајкови. Анализиравме на што се должат овие сменети односи од нивна страна и разбравме дека претстојат избори за нови органи во Синдикатот, вели премиерот Груевски.

Оттука е и дилемата, дали СОНК го организира штрајкот во интерес на наставниците, или е ова обид за покажување мускули со цел, задржување на позициите на актуелното раководство.