Македонија

СОНК: Платите во културата не се регулираат со закон, туку со Колективен договор

СОНК: Платите во културата не се регулираат со закон, туку со Колективен договор

СОНК не навлегувајќи во правото за организирање на протест, посочува дека Синдикатот за култура дава неточни наводи во врска со наведените причини за протестот.

„Во сите демократски држави социјалните партнери, во овој случај Министерството за култура има обврска да преговара и да остварува социјален дијлог само со репрезентативниот синдикат, што се докажува според утврдена процедура според Законот за работни односи и кој важи за сите синдикати во државата, без разлика во која гранка или дејност се формирани. Во Република Македонија според споменатата законска процедура единствен репрезентативен синдикат и во културата е Самостојниот синдикат за образование, науки култура – СОНК. Не се точни наводите од Синдикатот за култура дека суспендирано е колективното договарање туку напротив, СОНК и Министерството за култура се во завршна фаза од преговорите за потпишување на нов Колективен договор за културата, кој треба да се потпише најдоцна до крајот на јуни оваа година“, реагираат од СОНК.

Оттаму напоменуваат дека прашањето на висината на платите според сложеност на работно место е дел од новиот Колективен договор, за што јасно зборува дека платите во културата не се регулираат со Закон, како што се тврди од Синдикатот за култура , туку со Колективен договор.

„Со Спогодбата потпишана помеѓу СОНК и Министерството за култура од 04-04-2015 год., утврдено е Предлог Колективниот договор да биде на јавна расправа во установите во културата цел еден месец (до крајот на мај 2015 ) кога секој од вработените во културата ќе имаат можност да дадат свои предлози, мислење, забелешки, сугестии и сл, и секако тие што ќе бидат аргументирани и објективно прифатливи за потписниците на Колективниот договор ќе бидат дел од Колективниот договор што ќе биде потпишан и ќе биде во примена по потпишување од страна на СОНК и Министерството за култура.На крајот сакаме да го изразиме нашето практикување во сите повеќе од 20 години постоење  на СОНК дека кога сме применувале и протести во одредени случаи, строго сме се придржувале на принципот на независност од инволвирање на други субјекти, и од тие причини сме одбегнувале да повикуваме да се приклучуваат други учесници кои не се директно вработени во дејноста за која се прави таа синдикална активност“, се вели со соопштението на СОНК.