СОНК: СДСМ го повредува уставно загарантираното право на синдикално организирање

Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука  и култура на Република Македонија ( СОНК ) , на седницата одржана на 15-10-2016 година, расправаше во врска со зачестените напади врз СОНК од страна на високи претставници на една од политичките партии во Република Македонија.

Нивнота соопштение ви го пренесуваме во целост:

Во подолг период, а особено во последно време, со ваквите политикантски активности, СДСМ прави повреда на уставно загарантираното право на синдикално организирање и активност, а во исто време со притисоците што ги врши врз СОНК прави кривично дело, санкционирано со Кривичниот законик на Р.М.

Досега не е познат случај во периодот од самостојноста на Р.Македонија, политичка партија, јавно преку прес-конференции да врши напади со невистини, шпекулации и целосни дезинформации за активности на легитимен и легален Синдикат во Република Македонија, кој  е и членка на сите меѓународни асоцијации на синдикално  организирање. Ваквото однесување е без преседан и во пошироки рамки, а особено не на просторите на Европскиот континент.

Вчудоневидува фактот , потпретседател на оваа политичка партија преку прес-конференција, одржана на 23-ти септември о.г.  да врши невиден напад врз најголемиот грански синдикат во државата,а  на протестот организиран од страна на истата политичка партија за време на празникот 11 октомври, група на нивни преставници пред седиштето на СОНК, повторно во име на споменатата политичка партија, со транспаренти атакуваа врз нашиот Синдикат и вчерашниот ден, претседател на комисија за образование на општинската организација од Прилеп, повторно преку прес-конференција, со пласирање на целосни невистини изврши груб напад врз СОНК.

Советот на СОНК, го повикува највисокото раководство на Социјал-  демократскиот сојуз веднаш да превземат мерки, согласно Уставот, законите и меѓународните конвенции, да престанат ваквите  вчудоневидувачки однесувања и да ги тргнат целосно обидите за рушење на угледот, со крајна цел и разбивање на нашиот Синдикат.

Советот на СОНК, укажува дека,  доколку не бидат превземени бараните мерки од страна на споменатата политичка партија, веднаш ќе побараме да дојдат претставници од Интернационалата за образование и Европската конфедерација на синдикатите за образование, чија редовна членка е СОНК повеќе од деценија и пол, како и Меѓународната организација за труд, со цел на лице место да бидат запознати со сите овие случувања и со конкретни докази за истото. Исто така, СОНК ќе ги информира и амбасадите во Република Македонија, вклучително и Амбасадата на европската унија.

СОНК го има правото да превземе и други мерки, во одбрана на самостојноста и интегритетот на организацијата и тоа ќе се случи доколку, повторуваме, в е д н а ш  не престанат досега невидените однесувања на политичка партија во подолг временски период и не само во нашата држава.