Сообраќајка во Зајас, загина 25 годишно момче

Дваесет и пет годишно момче од кичевско Зајас загинало во тешка сообраќајна несреќа која утринава се случила на патот Гостивар-Симница.

Од СВР Тетово за Курир велат дека возачот Н.А. на џипот „Шевролет Блејзер“ кој бил без таблички, а се движел кон Гостивар, изгубил контрола, по што возилото излетало од патот и се превртело на покрив.

Младото момче во несреќата, која се случила околу 3:30 часот, починало на лице место по тешките повреди кои ги добило откако го нагмечиле дрвата кои ги превезувал во џипот. Неговото безживотно тело било извлечено со интервенција на пожарникари, а лекарите можеле само да ја констатираат смртта.

Полициски екипи извршиле увид на лице место, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот е предадено на обдукција.

Неофицијално, дрвата кои биле пронајдени без жиг во џипот се одземени и предадени на шумската полиција.