Сообраќајот на дел од патните правци во Источна Македонија во прекин

Поплавите од обилните врнежи од дожд и топењето на снегот го прекинаа и отежнаа сообраќајот на дел од патните правци во источна Македонија.

На патниот правец Виница – Берово на 11-от и 12-от километар на две места во должина од по 20 метри сообраќајот се одвива по една коловозна лента поради поплава и е поставена соодветна сигнализациа, соопшти изутринава Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).

Поради големи одрони од камења се уште е во прекин сообраќајот на патниот правец Кочани – Македонска Каменица Возилата се пренасочуват по патниот правец Кочани – Виница – Делчево. Во прекин се и патните правци кон селата Степанци и Суво Грло поради надојдените води од реката Крива Лакавица.

На патот Делчево – Македонска Каменица, пак, на 14-тиот и на 27-миот километар во должина од 200 метри сообраќајот се одвива по една коловозна лента.

Забрана за движење на тешки товарни возила има на патниот правец крак Маврово – Дебар, а за патничките возила се препорачува употреба на зимска опрема. Во сила се и забраните за движење на тешки товарни возила над 7,5 тона и автобуси на патниот правец Ржаничано – Д.Коњари поради оштетување на средниот столб на мостот на река Пчиња и  кај село Ратавица  на патот Киселица – Злетово каде има свлечиште.

Штетата на мостот на патниот правец Радовиш – Штип е санирана и сообраќајот се одвива наизменично, по една коловозна лента.

Сообраќајот на сите останати државни патишта се одвива без забрани, по влажни коловози и наместа остатоци од снег. Врнежи од слаб снег кој не се задржува на коловозот има во Охрид.

АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, каде е можна почеста појава на одрони.

фото: МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.