Сообраќајот се одвива по влажни коловози – повеќе патни правци во прекин

Сообраќајот на сите патишта се одвива тековно, по претежно влажни коловози, на места со остатоци од снег. Сообраќајот кај клучка Марвинци – Гевгелија е во прекин поради излевање на реката Вардар на коловозот, соопшти „Македонија пат“.

На патот Македонски Брод-Скопје, поточно Близанско-Козјак на 1.6 километри после браната, поради голем одрон, воведена е забрана за сообраќај за секаков вид на моторни возила.

На патот Катланово-Велес, информираат од „Македонија пат“, после наплатната станица Сопот, кај потпорниот ѕид, поради голем одрон, сообраќајот се одвива по една коловозна лента, поставени се соодветни сообраќајни знаци.

Сообраќајот на патните правци Кочани – Зрновци и Тработивиште – Разловци е сè уште во прекин поради попуштање на мостовите на река Брегалница, а алтернативен пат за Тработивиште е стариот пат Делчево-Тработивиште.

На патниот правец Демир Капија – Корешница е укината забраната.

На влезот од Богданци, од правец на Гевгелија, во должина од 300 метри, блокиран е собраќајот поради експлозија во фабриката за полнење на гас, кој во моментов се одвива по стариот пат.

Магла со видливост до 100 метри има на патот Тетово-Групчин.