Соопштение од СЕП во врска со обезбедувањето европски средства за поплавите

Секретаријатот за европски прашања (СЕП) соопшти дека по настанатите поплави во Македонија се обратил до Европската комисија за обезбедување помош за справување со последиците од поплавите.

На 6 февруари, како што се наведува во соопштението, е добиена информација дека во рамки на регионалните ИПА фондови постои можност за доделување на четири милиони евра за активности за превенција од поплави за земјите од Западен Балкан.

– Дополнително е испратено службено барање до комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан за разгледување на можноста за реалокација на средства од тековната ИПА, ИПА 2, како и од други инструменти за справување со последиците од поплавите, информира СЕП.

Оттаму истакнуваат дека оваа тема меѓу другото била предмет на дискусија иницирана од страна на вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими и на денешната средба со еврокомесарот Јоханес Хан.