Соопштени добитниците на наградата „Св.Климент Охридски“ за 2016

Државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2016 година во областа на воспитанието и образованието му се доделува на фолклористот Марко Китевски. Во областа на културата и уметноста наградата им се доделува на музичкиот уметник Гордана Јосифова – Неделковска, скулпторот Жарко Башески, на поетесата Весна Стојчевска и на театарската критичарка и публицистка Лилјана Мазова.

Ова е одлуката на Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“, согласно Законот за државните награди, Законот за изменување и дополнување на законот за државните награди („Службен весник на РМ” бр. 52/06, 54/07 и 74/12), која ја донесе на седница одржана на 15 ноември, соопшти Министерството за култура.

Државната награда „Св. Климент Охридски“ претставува највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Република Македонија.

Одлуката стапува во сила од денот на донесувањето и ќе биде објавена во Службен весник на РМ.

Наградата на добитниците ќе им биде врачена на 8 декември во Собранието на Република Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.