Сопругот на Синоличка Трпкова: Вие Македонките само ајвар знаете да правите!

„Кога ќе ги добиеме заостанатите плати за март и април што ги заработивме работејќи прекувремено?“, прашаа поранешните работнички во конфекцијата „Маседониа гармент индустри” (МГИ) на вчерашниот мирен собир пред фабриката во скопската населба Кисела Вода.

Вработените жени во МГИ за Нетпрес велат дека сопственикот, Холанѓанецот Марсел Мелес, во неколку наврати гласно викал по вработените, за време на состаноците, дека не знаат ништо да сработат и вината ја префрлал врз нив велејќи дека ги бива само за ајвар правење.

Тие дополнуваат дека сопственикот минатата година не им дозволил на вработените да искористат ниту одмор, а им исплатил само 500 денари регрес, популарниот К-15. Во меѓувреме со сметкопотврди, кои некогаш ги барал и од вработените, тие се сомневаат дека ги извлекол парите од сметка во форма на материјални трошоци, па затоа сега сметката на фирмата е празна.

Неодамна и неговата сопруга, професорка и борец за човекови права, Синоличка Трпкова, напиша колумна откако беше јавно повикана за срамниот потег на нејзиниот сопруг, објаснувајќи дека недоволната продуктивност и лошата состојбата во текстилната индустрија е причина за пропаѓање на МГИ.

И директорот на фабриката и работниците остануваат без работа. Но исто така и инвеститорите, го губат тоа што го вложиле, зашто со инвестицијата преземале ризик. Во овој случај, за жал, сите изгубиле и никој не станал побогат, не купил „мерцедес“, куќи, станови, не бил на одмор на Хаваи, не отворил тајни сметки. Биле вработени 130 луѓе што издржувале семејства во изминатите девет години. И тоа е сиот „ќар” од вложената инвестиција и макотрпната работа. Тие работници стекнале вештини да произведат квалитетен производ, по светски стандард – вели таа во колумната.

На ова реагираат вработените, дека биле добри работници 10 години и сега одеднаш не ја извршуваат работата како што треба, а се и навредени бидејќи излегува дека само тие се во ќар, а инвеститорот и сопственик во големи загуби.

Работничките најавија дека ќе продолжат со протестите. Тие се подготвени се да одат до крај и веруваат во правен исход, иако, како што нагласија, судските трошоци се огромни. Во врска со отказите, пак, што неодамна ги добија, се пожалија дека биле присилени да ги потпишат.

Ни ги пикнавте изјавите под нос, но да ги пишуваме своерачно, диктирани од вас: Јас таа и таа своеволно давам отказ од лични причини, потпис и дата денешна, кажуваше правничката. Дојдовме по отказите, ве баравме да излезете да ни кажете кога точно плата, господине Марсел, зошто три недели нѐ лажевте, парите се тргнати, патуваат, да легнат на сметка и ќе ве исплатам, рече поранешната работничка Моника Стојановска за време на протестот.

Според неа, едно одење на суд чини 10.000 денари, за едно рочиште, додека подготовката на документација за секој работник посебно е 7.000 денари.

Конфекцијата „Маседониа гармент индустри“ на нашиот пазар е точно 10 години. За дел од вработените, неофицијално, сопственикот е ловец на субвенции во државите каде што инвестира, а доказ за тоа им е и најавата за инвестиција во индустриската зона во Врање, соседна Србија.

Мелес таму потпишува Мемурандум за соработка со ветување дека ќе вработи 500 вработени во текстилен сектор во дел од објектот на „Јумко“ и каде ќе инвестира 1.3 милиони евра во период од 3 години. Според тамошните закони, инвеститорот добива бројни олеснувања меѓу кои ослободување од плаќање данок и царина на увоз од само шест отсто. Исто така се добиваат и ослободувања од плаќање ДДВ  од 20 отсто на енергенси и транспорт како и бројни царински и шпедиторски олеснувања.

Според неофицијални информации од страна на вработените се шпекулира дека слична ситуација Мелес имал и во Тунис, каде претходно имал фирма за која користел субвенции и потоа наеднаш си заминал, но немаат доволно информации за неговата тамошна фирма.

Неколку пати се обидовме да стапиме во контакт со сопственикот Мелес, испративме и порака, но до објавувањето на веста не добивме одговор.

Исто така рано утринава побаравме информации и од Агенцијата за вработување дали компанијата користела некакви субвенции за време на своето работење, никаков одговор не стигна до нашата редакција.

Во прилог линк од видеото од протестот што го пренесе „24 Вести“.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.