Сопружници од Србија сеат смрт во Сирија

Сопружници од Србија сеат смрт во Сирија, борејќи се на страната на џихадистите. Четириесет и осумгодишниот поранешен српски офицер Горан Павловиќ и неговата сопруга Мирјана (46) се борат на фронтот во Сирија од страната на Исламската држава.Според српските медиуми, Павловиќ во Сирија е подолго време, каде што се бори под името Абдула Џебел. Неговата сопруга по преминувањето во ислам го добила името Меријем.

Тој претходно бил водач на вехабиите во Белград. Живеел во Горња Маоча, во близина на Брчко каде што бил и за време на големата акција за апсење на вехабисти во 2010 година, но тогаш не бил фатен.

Името во медиумите повторно му се споменува минатото лето, кога во куќата на неговиот татко во Босут, кај Аранѓеловац, е најдено илегално оружје, а мештаните пријавиле дека тука се собираат вехабисти.

Павловиќ преминал во ислам во 2002 година под влијание на негови пријатели. Тој се претставувал како поранешен монах, го изучувал Куранот, а бил и на аџилак во Мека.

Во Маоча сосед му бил Мевлид Јашаревиќ, исто така државјанин на Србија, кој во 2011 година пукаше на американската амбасада во Сараево.