Сопственици на фабрики за чевли бараат итна средба со Заев, најавуваат генерален штрајк

Четириесетина сопственици на фирми производители на чевли од државата, викендов се собраа во Куманово. Средбата била консултативна и на тема како фирмите од кожарството да излезат на крај со исплатата на минималната плата на работниците. Кожарскиот сектор во Куманово кој вработува помеѓу 8.000-9.000 работници влезе во дополнително големи проблеми со минималната плата, па од овие причини и итно свиканата средба, јавува штипската  телевизија Стар.

Оваа дејност не може да ја издржи сегашната минимална плата, бидејќи не станува збор за 12.000 туку за 14.500 денари минимално. Освен што овие пари во кожарската индустрија за работниците ги нема, голем проблем е што вака одредената минимална плата ги демотивира добрите работници и го стимулира неработењето.

Оттука, на средбата е одлучено итно да се побара средба со премиерот Заев за да се изнесе ургентноста на проблемот. Во овој контекст, кожарите го предлагаат и ќе инсистираат на бугарскиот модел за заштита на кожарскиот сектор:

„Имено, во Бугарија кожарските фирми плаќаат паушални придонеси кон државата, во висина од 47 евра по вработен.Ресорното министерство мора да не ислуша зашто во спротивно сме доведени во опасност да ги затвориме фабриките“, изјави Лидија Милановска, прет. на Здруж. на кожарски работници.

Што доколку Владата остане глува за барањата на кожарскиот сектор:

„Ние сме 42 фирми во ова Здружение и сите сме сложни ако не ни се исполнат барањата да излеземе на генерален штрај, најпривн работодавачите, а потоа и работниците“, кажа Милановска.

Како што сега стојат работите во кожарската индустрија, ретко која од фирмите ќе ја дочека Нова Година, зашто по исплатата само на првата повисока минимална плата две фирми во Куманово ставија клуч, а најмалку 10-тина не успејаа да иплатат плата по новите критериуми.