Сопственикот на менувачницата пренесен во болница, па во полициска станица

Сопственикот на менувачницата кај скопска Чешма кој во попладневните часови во понеделникот во самоодбрана уби двајца разбојници е пренесен во болница поради здобиени повреди, a потоа е одведен во полициска станица.

Како што веќе беше објавено, двајцата вооружени  разбојници влегле во менувачницата лоцирана на булеварот „Борис Трајковски“, спроти споменикот на Тодор Александров и со кундак го удриле сопственикот. Тој потоа пукал кон нив, по што двајцата подлегнале на повредите. Идентитетот на убиените засега не е познат.

„Според првичните сознанија, две засега непознати лица, на чијашто идентификација се работи, влегле во посоченото време во менувачницата во која што се наоѓал сопственикот на истата Г.А. (58) од Скопје. Во обид да извршат разбојништво и вооружени со огнено оружје, настанала, прво, физичка пресметка со сопственикот на менувачницата, по што Г.А. посегнал по пиштол и пукал во правец на напаѓачите кои починале на местото на настанот“, информираа од МВР.