Сопственкиот на „Космос“ сака да влезе во „Милан“ за 500 милиони евра

Американскиот милијардер Роко Комисо(68) понудил 500 милиони евра за да купи 70 отсто од акциите на италијанскиот фудбалски клуб „Милан“. Американецот со италијанско потекло, кој е сопственик на „Њујорк Космос“ од фудбалската МЛС лига понудил да ги преземе сите долгови на „Милан“, како и да инвестира 150 милиони евра во засилувања за следната сезона.

Фудбалскиот гигант од северниот дел на Италија минатата година премина од рацете на легендарниот Силвио Берлускони во сопственост на кинеска компанија раководена од бизнисменот Ли Јонгхонг. „Милан“ тогаш се продаде за 740 милиони евра, вклучувајќи 190 милиони евра од долгот, но финансиските проблеми брзо нараснале, па Кинезите одлучија да бараат инвеститори кои би ја поправиле ситуацијата во клубот.

УЕФА поради лошата финансиска состојба во средата го казни „Милан“ со една сезона суспензија во Еврокуповите, што уште повеќе го зголеми притисокот врз сегашните сопственици, кои бараат излез од долговите кон американскиот инвестициски фонд „Елиот“, на кого му должат вкупно 308 милиони евра.
„Елиот“ на „Милан“ му позајми 180 милиони, а на кинеските сопственици уште 128 милиони евра лани, со цел да ги отплати долговите и да донесе нови играчи, што беше направено, но клубот остана без трофеј и заработувачка.