Соработка на катастрите од Македонија и Албанија

Со денеска потпишаниот договор меѓу катастрите на двете држави, предвидена е размена на податоци од пограничните ГНСС станици во Дебар, Охрид и Битола од македонскиот позициски систем МАКПОС со таквите станици во Корча, Либражд и Кукс од албанскиот позициски систем АЛБПОС.

– На овој начин без дополнителни инвестиции во опрема, софвер и комуникации и двете држави постигнуваат целосно мрежно ГНСС покривање и создаваат предуслови за постигнување хомогена точност во постапките на премерување на целата своја територија, вклучувајќи ја тука и пограничната зона, рече на потпишувањето на договорот директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески.

Според Трпески, со размената на податоците ќе се подобри квалитетот и точноста на геопросторните податоци  кои се добиваат со примена на ГНСС методите на премерување. Во однос на традиционалните геодетски методи, посочи, се поточни, побрзи и поекономични, што е од големо значење за приватниот геодетски сектор од аспект на намалување на времето и трошоците на премерот и на бројот на ангажираниот кадар.

– Улогата и значењето на сателитскиот  систем за глобална мрежа е премногу голема не само за зголемување  на точноста на мерење, туку и во другите области, како управување со земјиште, планирање урбан развој, изградба на објекти и инфраструктура, авијација, сообраќај и патишта,  геодезија, метеорологија, водни ресурси, шуми и пасишта…, рече Илиријан Мухо, директор на Централната канцеларија за регистрација на недвижен имот на Албанија.

Технологијата за тридимензионална контрола, додаде, ги зголемува можностите  и нивните придобивки на повисоко ниво. Колку повеќе решенија постојат  за корисници толку поедноставен е процесот  на работа и побргу се случува растот на пазарот, рече Мухо.

Со поврзувањето на МАКПОС и АЛБПОС системите, како што рече Трпески, се отвораат и нови можности за заедничко учество во реализација на разни билатерални, регионални и меѓународни проекти.