Соработката е неопходна во борбата против тероризмот

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски денеска во Тирана учествуваше на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).

Состанокот го отвори Претседателот  на Владата на Република Албанија, Еди Рама, кој во својство на претседавач со ПСЈИЕ ги изложи акцентите и активностите вo текот на претседавањетo со Процесот.

Претставниците од земјите членки усвоија заедничка изјава за тероризмот. Во својата интервенција, министерот Попоски посочи дека: “Реализацијата на развојните проекти со регионално значење се охрабрување за справување со бројни заеднички регионални грижи. Tерористичкитe напади потсетија дека меѓународниот тероризам налага одлучно и единствено дејствување на меѓународната заедница.  Заканата за сите нас ги надминува државните граници. Нашиот одговор мора да биде над-национален. Соработката меѓу државите во оваа борба е неопходна.“

Во рамките на соработката воспоставена во Берлин за земјите од Западен Балкан беше одржан состанок на министрите за надворешни работи на шесте земји кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ. Состанокот беше во правец на подготовка на годишниот самит во Виена.

– Разговаравме за приоритетните проекти во енергетското, патното и железничкото поврзување. Во овој дел, финансискиот удел од ЕУ фондовите е клучно, истакна Попоски.