Соран Гриндеану нов кандидат за романски премиер

Романската Социјадемократска партија (ПСД), која победи на неодамнешните парламентарни избори во Романија, реши да го предложи 43-годишниот Сорин Гриндеану за нов кандидат за премиер, откако претседателот Клаус Јоханис во втроникот го одби нејзиниот првичен предлог мандатар за состав на новата влада да биде Севил Шајде.

– Решивме да не ја втурнеме земјата во нова политичка криза и затоа избравме нов кандидат за премиер, изјави синоќа лидерот на ПСД, Ливиу Драгнеа, по седницата на највисокото партиско раководство.

Новиот кандидат за мандатар за состав на новата романска влада Гриндеану е поранешен министер за комуникации на Романија.

Романскиот претседател Јоханис во вторникот го одби првичниот предлогот на ПСД за мандатар, со образложение дека „внимателно ги проценил аргументите за и против и решил да не ја именува Севил Шајде“ за предложената функција.

Тој притоа ја повика ПСД и нејзиниот коалициски партнер, Алијансата на либералите и демократите (АЛДЕ) да достават нов предлог за иден премиер.

ПСД и АЛДЕ заедно имаат 250 пратеници во 465-члениот долен дом на романскиот Парламент, што им обезбедува стабилно парламентарно мнозинство.

Доколку беше избрана за претседател на Владата, Шајде ќе беше првата жена премиер на Романија и прв припадник на муслиманската заедница во земјата што би ја извршувал премиерската функција.