Сорос предвидува нова светска финансиска криза

Светот е пред нова финансиска криза каква што имаше пред десет години, убеден е милијардерот Џорџ Сорос, пишува СНН. Како најголеми закани Сорос ги наведува засиленото антиевропско расположение, распадот на иранскиот нуклеарен договор, слабеењето на доларот и повлекувањето на инвеститорите од клучните пазари.

Европската унија е во голема криза, популизмот на стариот континент има неверојатно многу поддржувачи кои го загрозуваат нејзиниот опстанок. Младите луѓе мислат дека Европската унија е голем непријател кој им ги загрозува работните места и сигурната иднина, и ова незнаење во голема мерка го искористија популистичките лидери, тврди Сорос, кој ги обвинува популистичките движења за Брегзит и за политичката криза во Италија.

Друг проблем е повлекување на САД од нуклеарниот договор со Иран за што милијардерот смета дека ќе ја уништи трансатлантската алијанса.

Претседателот Доналд Трамп го шокираше целиот свет со своите акции, а со неговите потези Европа остана без сигурна иднина. Повеќе не е претерување да се каже дека Европа е во егзистенцијална криза, тоа е суровата реалност, рече Сорос.

Тој, исто така, верува дека би било добро да се реактивира еден вид Маршалов план (со кој САД и помогна на Европа да се опорави од последиците од Втората светска војна), односно да се земе паричен надомест од сите членки на Европската унија за да и се помогне на Африка со проблемот на имиграцијата.

Иако парите секогаш тешко се позајмуваат земјите членки на ЕУ мора да ги стават своите интереси на страна и да размислуваат за иднината на сојузот, рече милијардерот.

Тој истакна дека економските причини за останување во членството во ЕУ се и понатаму големи, но дека оваа институција мора да се трансформира и да стане повторно посакувана за земјите како Велика Британија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.