Павел Шатев: СОРОС сега сака да го окупира целокупното македонско општество

Откако СОРОС го окупираше Социјал Демократскиот Сојуз на Македонија, сега сака да го окупира целокупното македонско општество.

Ова се посочува во денешното соопштение на институтот „Павел Шатев“, упатено во пресрет на најавената дебата на тема „Каков специјален јавен обвинител и’ е потребен на Република Македонија?“ која во среда ќе ја одржи Фондацијата Отворено Општество – Македонија (СОРОС).

Од Институтот велат дека би сакале да ја предупредат македонската јавност на агендата на фондацијата.

Во продолжение проследете го интегралниот текст од соопштението на институтот:

Институтот Павел Шатев ја предупредува македонската јавност на обидите за киднапирање на целиот македонски општествено-политички систем од една скапо преплатена група на одработувачи на Фондацијата Сорос. Овие одработувачи пред очите на јавноста се претставуваат за експерти во 100 различни теми.

Во пресрет на најавената дебата на тема „Каков специјален јавен обвинител и’ е потребен на Република Македонија?“ која во среда ќе ја одржи Фондацијата Отворено Општество – Македонија (СОРОС), би сакале да ја предупредиме македонската јавност на агендата на фондацијата која откако го окупираше Социјал Демократскиот Сојуз на Македонија, сега сака да го окупира целокупното македонско општество.

Овие луѓе кои се скапо платени од страна на фондацијата Сорос очигледно имаат намера без избори и без никаков легитимитет од граѓаните да воспостават своја контрола врз целокупната држава. Очигледно успеаа во својата намера да завладеат со СДСМ, благодарение на слабото и корумпирано раководство на таа партија.

Едноставно, крајно провидна им е безобразната цел за киднапирање на целата држава, обидувајќи се да создадат чувство дека тие се единствените праведници во земјата и дека Македонија мора да биде моделирана по мерка на нивните финансиери. Само тие десетина луѓе кои се на платните списоци на Сорос и слични организации знаат се и се експерти во секоја тема.

Овие луѓе кога пишуваат книги имаат еден став, но кога од нив Сорос ќе побара и ќе им плати хонорар, тогаш имаат сосема различен став за истата тема и истите прашања.

Истите овие луѓе, кои денес најавуваат дебата за специјалниот обвинител, себе си се прогласуваат за експерти за сите возможни теми. Тие истите себе си се прогласуваат за експерти за мигранти, експерти за буџет, експерти за безбедносни прашања, експерти се за борба против корупција, експерти се за урбанизам, експерти се за екологија, експерти се за енергетика, експерти за локална самоуправа, себе си се прогласуваат за експерти за човекови права, за шумарство. За се се прогласуваат дека се експерти, а всушност единствено се експерти само и само како да наплатат дебели хонорари за празни зборови и безобразен критицизам кон сопствената држава.

Сега наумиле да го нападнат судскиот систем и да заклучат дека на оваа држава и’ треба специјален јавен обвинител за кој СОРОС ќе каже дека е добар. Утре може да направат дебата за тоа каков премиер и’ е потребен на оваа држава, при што заклучокот повторно ќе биде дека Македонија има потреба од премиер за кој Сорос ќе каже дека е добар. За нив не се значајни ниту изборите, ниту гласањето, ниту граѓаните. Можеме да очекуваме вакви дебати и за избор на судии, за функционирањето на институциите на системот, полицијата, војската – при што сите тие ќе бидат добри ако само Сорос каже дека се добри.

Овие неколку невладини организации имаат амин и финансиски благослов од Фондацијата Отворено Општество само ако се слепи поборници на соросовата идеологија и мегафони на соросовите ставови. За нив не се значајни мислењата и интересите на македонските граѓани, за нив се значајни единствено хонорарите кои ги дава соросовата фондација.