Сорос влегува во „Кроација Ерлајнс“?

Американскиот милијардер од унгарско потекло, Џорџ Сорос би можел да влезе во  хрватската национална авиокомпанија „Кроација Ерлајнс“, објави загрепскиот весник „Јутарњи лист“. Според извори на весникот, кинеска авиокомпанија, во која Сорос поседува 20 проценти од акциите, неколку пати најавувала дека би можела да ја купи „Кроација Ерлајнс“, објави МИА.

Весникот не го наведува името на кинеската компанија, туку само нагласува дека таа поседува 135 авиони и дека одржува летови до 90 дестинации.

Хрватската Влада планира во октомври по втор пат да се обиде да го приватизира националниот авиопревозник. Пред неколку години беше направен обид за продажба на „Кроација Ерлајнс“, но тој беше неуспешен затоа што на тендерот не се пријави ниту еден кандидат.

Според предлогот за приватизација од евентуалниот купувач ќе се бара продолжување на дејноста, задржување на внатрешните и надворешните летови, докапитализација на компанијата, обнова на флотата и развој на техничкиот оддел на компанијата.

Кандидатот за сопственик на „Кроација Ерлајнс“ кој не е од земја-членка на ЕУ ќе може да купи најмногу 49 проценти од хрватската авиокомпанија, а купувач од Унијата сите сто проценти од акциите.