Соседски патроли за поголема безбедност на граѓаните

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, првиот човек на СВР Скопје Горанчо Савовски и градоначалникот на Ѓорче Петров Сокол Митревски денеска во истоимената општина го промовираа проектот “Соседска патрола“ – кој како превентивна активност, има за цел зголемување на сигурноста и безбедноста на граѓаните во нивните населени места.

Овој проект ќе се реализира на тој начин што ќе се организираат патроли во кои би се вклучиле заинтересирани граѓани,  кои, пак, заедно со полицијата во нивните населби, маала, соседства, би можеле  заеднички да патролираат и да ги посетат локациите на кои се случуваат зачестени кривични дела и прекршоци од областа на јавниот ред и мир.

Со ова заедничка активност граѓаните односно претставниците на локалната самоуправа, месните, урбаните заедници, родителите, директорите на основни и средни училишта, детски градинки и други институции, би дале свој придонес кон зголемување на безбедноста и намалување на кривичните дела и нарушувањата на јавниот ред и мир во нивното населено место.

Според планот за реализација на проектот, конкретно за подрачјето на ПС Ѓорче Петров, за почеток е предвидено да се реализираат четири патроли во тековниот месец, односно една патрола неделно. Соседските патроли ќе ги сочинуваат жители на Ѓорче Петров претставници од МЗ, директори на ОУ и градинки, родители, односно сите оние  граѓани кои ќе пројават интерес за овие активности.

Инаку минатиот петок реализацијата на проектот отпочна и на подрачјето на Кисела Вода, а минатата недела продолжи и на подрачјето на Драчево. Во наредниов период активностите ќе бидат проширени и на други подрачја.