Состанок на ЦЕИ утре во Охрид

Состанокот на министрите за надворешни работи на државите членки на Централната европска иницијатива (ЦЕИ), во рамки на овогодинешното претседавање на Република Македонија со ЦЕИ, ќе се одржи утре во Охрид.

На состанокот ќе присуствуваат министри за надворешни работи и шефови на делегации од државите членки на ЦЕИ како Македонија, Албанија, Австрија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Молдавија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка, Унгарија, Италија, Словенија и Украина, а поканети се и специјални гости од Европската Унија, Европската банка за реконструкција и развој, Секретаријатот на ЦЕИ, ОБСЕ, Совет на Европа, РЦЦ, Република Косово и други, соопши Министерството за надворешни работи на Република Македонија.

Минатата година во ноември на состанокот на ЦЕИ во Виена кога Република Македонија го презема претседавањето од Република Австрија на присутните по тој повод им се обрати Премиерот Никола Груевски со зборовите: „Ги истакнав приоритетите на нашето претседавање во наредната година, во кое што освен зачленувањето на сите земји од Западниот Балкан во ЕУ како основен политички приоритет ги вброив и економските приоритети, а тоа се приоритети поврзани со градба на инфраструктурата, туризмот, земјоделието и културата. Притоа имав можност да ги истакнам и приоритетите на Република Македонија на политички и економски план кои всушност се преклопуваат со овие регионални приоритети”, изјави премиерот Груевски.

Централно европската иницијатива започнува со работа во 1989 година. Денеска иницијативата има 18 земји членки: Австрија, Албанија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Чешка, Италија, Унгарија, Македонија, Молдавија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Србија, Украина и Црна Гора.