Состанок на шефовите на дипломатиите на Русија, Иран и Турција за Сирија

Министрите за надворешни работи на Русија, Иран и Турција одржуваат состанок во неделата во Турција на кој единствената тема е ситуацијата во Сирија, а се одржува неколку дена пред клучниот трилатерален самит посветен на оваа земја разорена од војната којашто започна во март 2011 година.

Шефовите на дипломатиите Сергеј Лавров, Мохамед Џавад Зарив и нивниот турски домаќин Мевлут Чавушоглу, се состанаа во Анталија, на југот од Турција, зад затворени врати, соопшти за медиумите висок турски функционер без да наведе повеќе поединости за текот на разговорите.

На овој состанок се подготвува самитот кој во среда ќе се одржи во руското летувалиште Сочи, на која рускиот претседател Владимир Путин ќе им биде домаќин на иранскиот и турскиот колеги по должност, Хасан Роухани односно Реџеп Тајип Ердоган, чиишто земји играат важна улога во ситуацијата во Сирија.

Москва, Техеран и Анката работат на договор со кој би се намалил интензитетот на судирите поради подготовка на теренот за политичко решение на сирискиот судир во кој во изминатите речиси шест години загинале над 330.000 луѓе, предизвикано е раселување на милиони лица а инфраструктурата и стопанството на земјата се речиси целосно разорени.

Договорот од казахстанската престолнина Астана меѓу опозициски групи владата во Сирија, чиишто гаранти се трите споменати земји, овозможи од минатогодишниот декември формирање на ткн „зони на деескализација“ во кои на сила е режимот на прекин на огнот, што овозможува давање хуманитарна помош на тамошното загрозено цивилно население.

Лавров истакна дека на состанокот е договорено и челниците на генералштабовите на трите земји да одржат средба во пресрет на самитот во Сочи на 22-ри ноември, кои заедно со шефовите на дипломатиите ќе подготват извештаи и оцени на состојбата во Сирија коишто ќе им бидат претставени на претседателите.

„Разгледани се сите прашања. Не можам да ви ги кажам деталите. Нашите препораки ќе им бидат претставени на шефовите на државите и тие ќе донесат одлуки за сите предлози коишто ќе бидат изнесени“, изјави рускиот дипломат за новинарите во Анталија.

Меѓу сириските опозициски групи коишто се вклучени во процесот од Астана а ќе земе учество и на соборот во Сочи, е и курдската партија Демократски сојуз, за кој официјалниот претставник на турскиот претседател Инрахим Калин изјави дека Анкара го смета за несоодветни. Турција, имено, ја смета оваа курдска организација во Сирија за блиска на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) и ја прогласи за терористичка групација.